Фудбалот, пак, не се промени многу. По бавниот почеток, темпото на играта се зголеми на ниво блиску до она во февруари и во март. Без публиката ја снема предноста на домашниот терен, а ефективното време на игра сега е поголемо отколку на натпреварите со публика, поради пократките прекини

Продолжувањето на сезоната во германската фудбалска Бундес-лига се смета за успех, како за клубовите така и за ТВ-операторите, и покрај некои критики во јавноста. Кога Германската фудбалска федерација (ДФБ) ги објави плановите за продолжување на лигата, постоеше загриженост за тоа како ќе се играат натпреварите и како клубовите ќе им ја гарантираат безбедноста на играчите и на персоналот, во услови на пандемија на коронавирусот.
Анкетата направена по барање од „Дојче веле“ кон крајот на април, покажала дека 49 отсто од Германците се против продолжување на сезоната. Но досега сите стравови се покажаа како погрешни. По серијата тестови за ковид-19 кај играчите и кај персоналот, кои главо беа негативни, и многуте убедувања, Владата дозволи лигата да продолжи, со тоа што ги задолжи клубовите да ја преземат одговорноста за своите фудбалери и за вработените, објави „Би-би-си“.

Фудбалот, пак, не се промени многу. По бавниот почеток темпото на играта се зголеми на ниво блиску до она во февруари и во март. Без публиката ја снема предноста на домашниот терен, а ефективното време на игра сега е поголемо отколку на натпреварите со публика, поради пократките прекини.
Единствено со што мораше да се справува лигата по рестартирањето беше игнорирањето на правилото за физичко дистанцирање кај некои тимови.

Имаше чудни ситуации кога играчите, неколку секунди откако имаа близок контакт со телото во дуел со противниците, беа замолувани да се оддалечат едни од други и да се поздрават само со допирање на лактите по постигнат гол.
Од гледна точка на гледачите ништо не е како обично. Трибините се празни, владее тишина. Гледачите ги следат натпреварите дома пред телевизорите, давајќи повратни информации преку социјалните медиуми. Заклучокот е дека фудбалот не е ист без бучавата од трибините.

Искуството на ТВ-гледачите можеби не е совршено, но рејтингот на „Скај Германија“, главниот носител на ТВ-правата, е рекорден. Првите неколку натпревари по паузата, на 16 мај, ги гледале над шест милиони луѓе, со удел на пазарот од над 60 отсто кај популацијата од 14 до 49 години. Но директорите на клубовите и на ТВ-компаниите знаат дека сегашната состојба може да биде привремена, бидејќи посетителите на натпреварите се најголемиот извор на приходи во Бундес-лигата, наведува „Би-би-си“.