Никој не смее да има никакви илузии за обемот на предизвикот со кој се соочуваат сите во фудбалот ова лето и тоа може да не биде вообичаена работа на пазарот на трансфери ниту за еден клуб, вклучувајќи го и нашиот. Како и секогаш наш приоритет е успехот на тимот, но треба да се види ефектот врз целата индустрија, вклучувајќи го и тоа кога ќе биде преодниот рок, како и пошироката финансиска слика, пред да можеме да зборуваме за враќање во нормалноста, вели Вудвард, извршниот потпретседател на Манчестер јунајтед

Извршниот потпретседател на англискиот фудбалски клуб Манчестер јунајтед, Ед Вудвард, смета дека шпекулациите за трансфери вредни стотици милиони фунти ова лето ја игнорираат реалноста со која се соочува спортот, поради пандемијата на коронавирусот, пишува „Би-би-си“. Манчестер јунајтед беше поврзуван со трансфер од 200 милиони фунти за напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн, како и потенцијално дополнителни 130 милиони фунти на англискиот фудбалер Џејдон Санчо, од бундеслигашот Борусија Дортмунд, пишува „Би-би-си“.

– Никој не смее да има никакви илузии за обемот на предизвикот со кој се соочуваат сите во фудбалот ова лето и тоа може да не биде вообичаена работа на пазарот на трансфери ниту за еден клуб, вклучувајќи го и нашиот. Како и секогаш наш приоритет е успехот на тимот, но треба да се види ефектот врз целата индустрија, вклучувајќи го и тоа кога ќе биде преодниот рок, како и пошироката финансиска слика, пред да можеме да зборуваме за враќање во нормалноста – ја пренесува „Би-би-си“ изјавата на Вудвард на форумот на Манчестер јунајтед.

Вудвард беше клучна фигура во многу дискусии во Премиер-лигата, но и во Европа, за тоа како фудбалот ќе се справи финансиски со влијанието на коронавирусот. Милијарди фунти од телевизиските приходи се во прашање, доколку во скоро време првенството не продолжи, а повеќето предвидуваат дека какво било продолжение на првенството и да се случи тоа ќе биде без гледачи. Тој, исто така, со нетрпение го чека враќањето на Манчестер јунајтед на зелениот терен.

– Едвај чекаме нашиот клуб да се врати на теренот откако ќе добиеме совети дека тоа е сигурно да се направи. Иако во еден период е можно натпреварите да се играат зад затворени врати, сите признаваме дека фудбалот нема да се врати во нормала, додека гледачите повторно не бидат присутни на натпреварите – вели Вудвард.