Павар го постигнува најубавиот гол на СП 2018

Аргентина прими два од трите најубави гола на СП 2018, бидејќи голот на Французинот Павар на мечот со Аргентина е најубав, по него следуваат погодокот на Колумбиецот Кинтеро на дуелот со Јапонија и на Модриќ за Хрватска против Аргентина

Погодокот на десниот бек на „триколорите“, Бенжамин Павар (22), на осминафиналниот фудбалски меч Франција – Аргентина (4-3), прогласен е за најубав меѓу 169-те постигнати Add Newгола на 64-те натпревари на Светското првенство (СП) во Русија.

Голот со волеј на дефанзивецот на Франција, постигнат од работ на 16-те метри, доби најмногу гласови во анкетата што ја спроведе Светската фудбалска федерација (ФИФА) и во која учествуваа над три милиони љубители на фудбалот во светот.

– Топката отскокна пред да дојде кај мене. Воопшто не размислував. Само се обидов да ја удрам топката така да не отиде превисоко кон голот, да ја удрам како што напаѓачите секогаш ми кажуваат како треба. Кога топката ја погоди мрежата, бев пресреќен – изјави Павар.

Голот на Колумбиецот Хуан Кинтеро на дуелот против Јапонија е втор, зад тој на Павар, а ударот и погодокот од дваесетина метри на Лука Модриќ за Хрватска против Аргентина беше трет најубав.

Павар е првиот европски фудбалер што го добива ова признание, кое се доделува од СП 2006 во Германија. Тогаш за најубав беше прогласен голот на Аргентинецот Макси Родригез, постигнат на мечот против Мексико. На СП 2010 во Јужна Африка за најубав на турнирот беше прогласен оној на Уругваецот Диего Форлан, на натпреварот за трето место против Германија, а на СП 2014 во Бразил, на Колумбиецот Хамес Родригез, кој беше и најефикасен на тоа СП, за прекрасниот гол со волеј на мечот против Уругвај.