Предлогот за ЛШ од 2024 година, за кој се дискутира речиси две години, се очекуваше да биде потпишан вчера од Извршниот комитет на УЕФА, но е одложен за 19 април, пишува „Би-би-си“

ФУДБАЛ

Одлуката за новиот формат во Лигата на шампионите (ЛШ) од 2024 година, со групна фаза со 10 натпревари за секој тим, е одложена. Предлогот, за кој се дискутира речиси две години, се очекуваше да биде потпишан вчера од Извршниот комитет (ИК) на Европската фудбалска унија (УЕФА), но е одложен за 19 април, пишува „Би-би-си“.
Според новиот предлог-формат за ЛШ, ќе има 36 тима, четири повеќе од сега, сегашниот систем со осум групи ќе бидат укинат, односно секоја екипа ќе одигра по 10 натпревари против противници со различен рејтинг (т.н. швајцарски систем), а резултатите ќе го одредат пласманот на табелата во лигата. Првопласираните осум екипи ќе се пласираат во осминафиналето, а оние од деветтата до 24-та ќе разигруваат во плејофот за преостанатите осум места.
Нокаут-фазите ќе продолжат на ист начин како и досега, но промените ќе значат зголемување на вкупниот број натпревари, со тоа што тимот што ќе стигне до финалето ќе одигра најмалку 17 натпревари, наместо 13 според сегашниот формат. Ќе има и огромен пораст на вкупниот број натпревари, од 125 на 225, од кои во групната фаза од 96 ќе скокнат на 180.
Според информациите, од 36-те клуба два ќе добијат т.н. „вајлд-карта“ (покана), резервирана за клубовите што имаат највисок коефициент кај УЕФА, од минатиот успех во Европа, а кои нема да се квалификуваат во ова натпреварување преку пласманот во домашното првенство. Изворите на „Би-би-си“ истакнуваат дека не постојат големи пречки што не можат да се надминат и дека гласините околу комерцијалните зделки се неточни.

Но клубовите се свесни за некои недоразбирања околу новиот формат, конкретно за двете вајлд-карти. На таквите планови им се спротивставува организацијата на Европските лиги, која рече дека тоа ќе создаде „де факто затворена продавница“. Сепак, официјални лица на УЕФА и претставници на Европската асоцијација на клубови (ЕКА) го поддржаа новиот договор, за што заслугите му се припишуваат на поранешниот голман на Манчестер јунајтед и сегашен извршен директор на Ајакс, Едвин ван дер Сар, пишува „Би-би-си“.
На состанокот на 19 април ќе се дискутира и за организацијата на одложеното Европско првенство, кое треба да се одржи во 12 града низ континентот. Можни се некои измени во зависност од тоа кои градови и земји ќе им овозможат на гледачите да присуствуваат на мечевите во услови на пандемија на ковид-19.
Новиот формат на ЛШ ќе предизвика големи проблеми во англискиот фудбал, пишува „Би-би-си“, пред сѐ со немањето слободни термини во средината од неделата, кои се користат за натпреварите во Лига-купот. Поради тоа се заговара дури и комплетно укинување на ова натпреварување, но тоа би значело и секнување на најголемиот „извор на пари“ на клубовите од трите пониски лиги во Англија. Постои предлог и за укинување на реванш-мечевите во ФА-купот за да се ослободат некои термини.