Реал Мадрид без Кристијано Роналдо и без Зинедин Зидан на тренерската клупа немаше многу проблеми во дуелот против полуфиналистот од минатата сезона во Лигата на шампионите (ЛШ), Рома, победувајќи со 3-0, со што ја најави трката за одбрана на трофејот и атаката на четвртата титула во низа, вкупно 14-та.

Кралскиот клуб постигна барем еден гол на 43-от меч едноподруго на својот стадион во ЛШ (35 победи, шест ремија и два пораза) што е најдолга серија од ваков вид. Последниот пораз на домашен терен, без да постигне гол, Реал го доживеа од Барселона (0-2) во полуфиналето во 2011-та.

Реал покажа дека и без Роналдо, по речиси една декада, има квалитет за високи дострели. Под водство на новиот тренер Хулен Лопотеги, блеснаа Иско, кој постигна прекрасен гол од слободен удар, во стилот на Лионел Меси, потоа Герет Бејл, кој го постигна петтиот гол на последните седум средби, и Маријано, стрелецот на третиот гол, кој се врати од Лион, и сега го носи дресот на Роналдо со бројот седум.

– Реал секогаш ќе биде Реал, без разлика кој си оди од клубот. На нас што остануваме е да се трудиме да победуваме и да постигнуваме голови – рече Бејл.

На голот на Реал беше Карлос Навас, кој доби предност пред Тибо Куртоа, најдобриот голман на Светското првенство, кој летово пристигна од Челси.