ФУДБАЛ

Во ноември е решавачкиот меч за пласман на македонската сениорска репрезентација на фудбалското Европско првенство (ЕП), но по еден месец две македонски селекции може да се пласираат на голем континентален собир. Младата репрезентација на Македонија, за фудбалери до 21 година, во вторник игра дома со Израел, во 8. коло од квалификациската група 6 за пласман на ЕП 2021 во Словенија и во Унгарија. Во четвртокот Македонија забележа победа на гости кај Казахстан, со 4-1, и е втора во групата, со 13 бода од седум меча, пред Израел со 11 од исто толку дуели и Казахстан со 10 (од осум). Води Шпанија со 19 бода (од седум).
Според изменетиот систем на квалификации поради пандемијата на коронавирусот, на ЕП 2021 ќе играат првопласираните селекции од деветте групи и пет најдобри репрезентации меѓу второпласираните (првично требаше осум второпласирани да играат во баражот).

Македонија настапи на младинското ЕП 2017 во Полска. Во преостанатите три средби од овие квалификации, Македонија двапати ќе игра со Израел (дома и на гости) и еднаш со Црна Гора (дома). Водечката Шпанија, пак, има мечеви уште со Казахстан, Фарските Острови и со Израел, сите на свој терен. Во табелата на второпласираните нема да се сметаат средбите со шестопласираната селекција. Во моментов на една таква табела води Франција со 15 бода од шест меча, а потоа следуваат Романија (13/6), Полска (13/6), Италија (10/5), Германија (9/5), Португалија (9/4), Австрија (9/6), Македонија (7/5) и Грција (7/5).