Американското нуклеарно оружје стационирано на Стариот Континент повеќе нема смисла, смета американскиот експерт за национална безбедност Мајк Свини

Американското тактичко нуклеарно оружје во Европа ја надживеа својата цел и треба да се повлече дома, тврди Мајк Свини, американски експерт за национална безбедност и соработник на аналитичкиот центар „Одбранбени капацитети“.
За време на Студената војна, САД расфрлаа многу помали нуклеарни оружја низ европските сојузници од НАТО, за да ја надоместат конвенционалната супериорност на советските сили на Стариот Континент. Бидејќи тензиите на суперсилите исчезнаа заедно со Советскиот Сојуз, американските претседатели почнаа да го повлекуваат ова оружје дома. Но приближно 150 оружја останаа, поставувајќи сериозни проблеми за стратегијата и политиката на Алијансата.
Во однос на стратегијата, нејасно е зошто бомбите сè уште се потребни во Европа. Главната закана што ова оружје навидум ја неутрализира, руската стратегија „ескалирање за деескалирање“, во која нуклеарната демонстрација го принудува НАТО да се повлече за време на борба на Балтикот, веројатно не постои.
– Гледајќи ја руската доктрина, тоа не е она што го велат. Со текот на годините тие, всушност, ги намалија околностите под кои тие би биле подготвени да користат нуклеарно оружје – објаснува Свини.
Ова може да биде особено точно за балтичкиот регион, каде што Русија веќе има значителна воена предност. Во серијата воени игри на РАНД, одржани во 2014 и 2015 година, руските конвенционални сили ги победија Естонија и Летонија за помалку од три дена. Во такво сценарио, според Свини, прашањето е зошто Москва би сметала дека има потреба да нареди нуклеарен напад?

Сепак, дури и Русите да го сторат тоа, не е јасно дека американските тактички нуклеарни бомби би имале или би можеле да имаат улога во каков било одговор.
Првиот проблем е процедурален. Како што објаснува Свини, за да ги користат бомбите, на локалните команданти им треба дозвола од командантот на НАТО и од воениот комитет, кои потоа ќе го препратат барањето до американскиот претседател. Дури и ако претседателот одобри нивна употреба, одделните држави на НАТО, всушност, домаќини на оружјето, теоретски би можеле да стават вето на ударот.
Но под претпоставка дека во НАТО има едногласност (и тоа е голема претпоставка), вистинската употреба на американското тактичко нуклеарно оружје сепак може да биде поништена со основни оперативни проблеми. Првиот проблем е испораката на оружјето.
– Оружјето за кое станува збор, „б-61“, всушност е основна бомба со слободен пад – објаснува Свини, додавајќи оти авионите на НАТО што ги носат се „видливи“ авиони од четврта генерација, кои може да бидат соборени од напредната руска противвоздушна одбрана.
Вториот проблем е целењето. Колку и да звучи сурово, географијата од Студената војна дозволуваше нуклеарен удар на НАТО што не би го погодил самиот СССР.
– Сега, поради распадот на Советскиот Сојуз и проширувањето на НАТО, нема таква средина – вели Свини.
Командантите на НАТО што размислуваат за нуклеарна употреба би се соочиле со несреќен избор помеѓу напад врз сојузничките земји (Балтикот), потенцијалните неутрални играчи (Белорусија) или самата Русија, потенцијално активирајќи поширок нуклеарен конфликт.

Со оглед на сево ова, прашањето е зошто САД сè уште имаат тактичко нуклеарно оружје во Европа? Голем дел од одговорот, според Свини, е инерција и политика на Алијансата, особено околу старата идеја за „поделба на нуклеарниот товар“. На почетокот на конфронтацијата со Советскиот Сојуз, САД го отворија нуклеарниот чадор над своите клучни сојузници, ветувајќи дека ќе користат нуклеарно оружје во нивно име доколку некогаш бидат нападнати.
– Очигледно дека САД преземаат значителен ризик. И за време на Студената војна, секогаш се водеа дебати за тоа колку се валидни тие гаранции – вели Свини.
Уште тогаш вообичаено прашање беше дали САД се подготвени да го трампаат Њујорк за Париз. Во обид да ги надминат овие сомнежи, САД и НАТО воведоа систем во кој земјите-членки на НАТО презедоа дел од товарот за поддршка на овие нуклеарни пречки, со тоа што ќе бидат домаќини на ова оружје и ќе ги одржуваат капацитетите за негова испорака. Целта беше да се поврзат двете страни од Атлантикот.
Но сега овој аранжман се соочува со нова закана и тоа е демографијата.
– Како што старее Америка, има сè помалку луѓе со директни сеќавања на Студената војна. Новите генерации немаат вродена врска со НАТО како што го имаа тоа луѓето што пораснаа за време на Студената војна. Без таа врска ќе биде потешко да се убедат Американците да одат во војна за места како Балтикот, особено за конфликти што може да прераснат во нуклеарни судири – објаснува Свини.

Според него, ако НАТО сака да ги задржи САД, тоа не може да го прави преку нуклеарното оружје, туку преку волјата да троши пари за да се создадат конвенционални капацитети, кои можат да ја обесхрабрат Русија да прави какви било потези.
– Ако планот Б е дека секогаш може да се потпрат на американското нуклеарно оружје, тогаш тоа на крајот ќе му пресуди на НАТО во наредните години – смета Свини.