ФУДБАЛ

Македонија ќе има неколку фудбалери во групните фази на европските купови
сезонава, а Николов со молдавски Шериф ќе игра во ЛШ

Македонскиот репрезентативец Бобан Николов ќе игра во Лигата на шампионите (ЛШ), откако молдавскиот првак Шериф се пласира во групната фаза на најсилното европско клупско фудбалско натпреварување. Шериф е првиот тим од Молдавија што ќе настапи во Лигата на шампионите. Досега петнаесетина македонски фудбалери настапиле во натпреварувањето откако тоа дваесетина години се игра како ЛШ (претходно Куп на шампионите, без групна фаза).

Сезонава во Лига Европа (ЛЕ), пред синоќешните реванши од квалификациите, настап во групната фаза обезбедија Елиф Елмас со Наполи, Аријан Адеми и Стефан Ристовски со Динамо Загреб…, а уште неколкумина други македонски фудбалери беа во игра за настап во новото натпреварување, Конференциската лига (синоќа се играа реванш-мечевите од плејофот во квалификациите).

Ждрепката за Лигата на шампионите беше влечена синоќа, а денеска треба да бидат познати составите на групите за другите две клупски натпреварувања. Во ЛШ ќе настапат тимови од вкупно 15 земји. Шпанија одново ќе има максимални пет тима (пет имаше и во 2016-та), и тоа четири од првенството (Атлетико Мадрид, Реал Мадрид, Барселона и Севилја) и Вилјареал како победник на Лига Европа за минатата сезона. По четири тима во ЛШ сезонава ќе имаат Англија, Германија и Италија, три ќе има од Португалија, по два од Франција и од Украина, а по еден од Молдавија, Холандија, Белгија, Турција, Русија, Австрија, Швајцарија и од Шведска.