Поранешниот репрезентативец на Англија, Френк Лампард е подготвен да ја преземе улогата на тренер, но ја чека вистинската можност.

Триесет и деветгодишниот поранешен играч од средниот ред на Челси веќе го завршил своето тренерско образование и го полагал практичниот испит на „Стемфорд Бриџ“. Медиумите на островот го поврзуваат со слободниот пост во Ипсвич Таун, кој настапува во Чемпионшип дивизијата.

– Поминав доста време во Челси оваа година, собирав искуство. Веќе направив сè што е потребно за да добијам „А“ лиценца во тренерската професија. Значи да – при вистинската можност, во вистинско време, многу веројатно е да прифатам предизвик, изјави Лампард за британските медиуми.

Легендарниот фудбалер има 106 натпревари за Англија во периодот 1999-2014, освои три титули со Челси во Премиер-лигата, четири трофеи во ФА купот и еден во Лигата на шампионите. Тој додаде дека се надева на повеќе предлози за англиските тренери и му даде поддршка на Стивен Џерард, кој се поврзува со тренерската позиција во шкотски Ренџерс.

– Кога Стивен Џерард е поврзуван со некаква позиција, веднаш луѓето почнуваат да зборуваат дека му треба искуство за да работи. Но, на крајот, никој не се родил со искуство и ова искуство треба да се добие некаде – додаде Лампард.