Аргентинецот Пауло Дибала му порачал на Манчестер јунајтед дека бара неделна плата од 350.000 фунти (384.000 евра), за да се пресели на „Олд трафорд“, според весникот „Дејли мејл“. Јунајтед е во преговори со Јувентус за евентуална трампа на Дибала со напаѓачот, Белгиецот Ромелу Лукаку. Дибала не е баш расположен за таква зделка, не му се заминува од Торино, и затоа наводно побарал огромна сума пари, со што би станал третиот најдобро платен фудбалер во Премиер-лигата, по Алексис Санчез од Јунајтед и од Месут Озил од Арсенал.

Манчестер јунајтед ја доставил и последната понуда од 80 милиони фунти (87,8 милиони евра) за Хари Мекгваер и му дал рок до понеделник на Лестер да се изјасни. Лестер веќе ги одби неколкуте понуди на „црвените ѓаволи“, барајќи 90 милиони евра (98,7 милиони евра) за Мекграер.

Меѓу поголемите трансфери за кои се шушка дека може да се реализираат е оној на напаѓачот на Кристал палас, Вилфрид Заха, за кого е заинтересиран италијанскиот Наполи, кој е подготвен да плати 60 милиони фунти (65,8 милиони евра). За Заха беше заинтересиран и Арсенал, но понуди само 40 милиони фунти, двојно помалку од сумата што ја бараше Кристал палас!

Баерн ја достави првата понуда до Манчестер сити за Лирој Сане, истовремено презентирајќи ги и личните услови на германскиот крилен играч. „Билд“ вели дека ова е прв официјален контакт меѓу шампионите во Бундес-лигата и во Премиер-лигата за трансфер на Сане што се очекува да се интензивира следната недела.
Летово на големо се шпекулира и за заминувањето на Нејмар од ПСЖ, кој конечно реагираше и одреди сума од 300 милиони евра за клубот што ќе сака да го купи, пренесува „Л’екип“.