Маријана де Алмеида

Лично јас го гледам тоа како признание за мојата кариера, како доверба во мене и во мојата работа, и сето тоа во контекст на сѐ повеќе судијки на турнири за мажи. Тоа не се случуваше кога почнав јас, па се надевам дека ќе охрабри повеќе девојки и жени да се занимаваат со судење, вели Аргентинката Де Алмеида. Таа и Бразилките Алвес Батиста и Бак ќе бидат првите жени дел од судиски тим на клупското СП во Катар, во февруари, објави ФИФА

Аргентинката Маријана де Алмеида и Бразилките Едина Алвес Батиста и Неуза Бак ќе бидат првите жени дел од судиски тим на клупското Светско првенство (СП) во Катар што ќе се одржи од 4 до 11 февруари, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА) на својата интернет-страница.
– Лично јас го гледам тоа како признание за мојата кариера, како доверба во мене и во мојата работа, и сето тоа во контекст на сѐ повеќе судијки на турнири за мажи. Тоа не се случуваше кога почнав јас, па се надевам дека ќе охрабри повеќе девојки и жени да се занимаваат со судење – вели Де Алмеида.
Како Де Алмеида влезе во фудбалот?
– Семејството не ми влијаеше, не бев добар играч, но отсекогаш ми се допаѓаше фудбалот. Кога можев одев да гледам каков било натпревар, особено со пријателите од средното училиште. Така решив да се занимавам со нешто поврзано со спортот – вели Де Алмеида.
Следствено на тоа почнала да студира спортско новинарство во 2000 година.
– Еден од часовите беше во врска со судењето, за правилата на играта и тоа многу ми се допадна. Но чувствував дека ќе ми треба нешто повеќе од теорија. Му го кажав тоа на мојот професор, поранешен судија, и тој ми препорача да одам на курс во Аргентинската асоцијација на судии. И беше во право. Не бев загрижена, ниту уплашена. Се чувствував добро уште од првата минута. Никој не ме погледна чудно ниту пак ме праша што правам таму – се потсетува Де Алмеида.
Де Алмеида (38) смета дека имала среќа во професијата.

– Ништо чудно ми се нема случено, никогаш не сум го напуштила теренот со солзи ветувајќи си дека никогаш повеќе нема да се вратам. Беше сосема спротивното – вели таа.
Кога суди, Де Алмеида не прави разлика помеѓу мажите и жените.
– Постојат само едни правила. Во Аргентина познавам многу фудбалерки со кои пораснавме заедно. Истото е и со момците. Постои почит на теренот – вели таа.
Де Алмеида стана помошник-судијка на ФИФА во 2008 година, а нејзиниот прв поголем турнир беше СП 2012 за фудбалерки до 20 години. Подоцна таа беше дел од СП 2015 за жени во Канада, на Олимпискиот турнир во Рио де Жанеиро во 2016-та, на СП 2018 (до 17) во Уругвај, и на СП 2019 во Франција, каде што беше дел од ВАР-тимот за финалето. Откако пред десетина дена судеше на финалниот меч во првото женско професионално првенство на Аргентина помеѓу Бока јуниорс и Ривер плата, Де Алмеида е целосно насочена кон Катар.

– Постои нервоза, но сакам да уживам во тоа и покрај одговорноста – вели Де Алмеида, додавајќи оти е во постојат контакт со Алвес Батиста и со Бак и оти разговараат исклучиво за СП.
Де Алмеида е јасна и за тоа што сака во иднина.
– Би сакала да судам сѐ додека ми дозволува телото, што може да потрае подолго откако ВАР отвори нови видици и перспективи за мене. Освен моите лични цели, би сакала да видам судијка на Копа Америка или на СП 2022 во Катар. Тоа се можностите и патот за генерациите што доаѓаат – вели Де Алмеида.