Меѓу тие што се истакнаа на Светското првенство во Египет се Гидсел (21), Косоротов (21), Јакобсен (23), Јахија (23), Гебала (25), Гола (23), Хутачек (21), Кадах (20), Хешам (20), Блондз (20), Сичко (23), Мате (21) итн.

Матијас Гидсел (21), Сергеј Косоротов (21), Емил Јакобсен (23), Омар Јахија (23), Томас Гебала (25)… се некои од имињата што со својата игра, ефикасност, борбеност, а пред сѐ со младоста оставија силна позитивна трага на 27-то ракометно Светско првенство што се играше во Египет.
Иако беше дебитант на едно големо натпреварување, десниот бек на Данска, кој потекнува од школата на ГОГ, младиот Гидсел, со својата одлична, самоуверена, продорна и сигурна игра се наметна како прва опција на десната бековска позиција и заедно со Микел Хансен го предводеше данскиот состав до финалето. Во пресрет на финалето, синоќа, со Шведска, Гидсел беше прв асистент во тимот, со 26 додавања по кои бил постигнат гол, и втор стрелец со 38 гола, три помалку од Хансен.
Експлозија на квалитет, спортска дрскост и ефикасност демонстрира и младиот руски лев бек Косоротов, кој комплетно ја искористи слободата на терен што ја имаше од селекторот Велимир Петковиќ. Одлична, сигурна и ефикасна игра на терените во Египет демонстрира и египетскиот десен бек Јахија, чии квалитети одамна ги забележа унгарскиот првак Веспрем, чиј член е веќе две сезони. Освен што е одличен шутер од линијата од девет метри, Јахија беше одличен и во играта „еден на еден“, а, исто така, забележителна улога имаше и во одбраната на египетскиот состав, што го прави комлетен играч, кој игра во два правца.

Отсуството на искусниот Каспер Мортенсен во составот на Данска на површина ги исфрли левото крило на ГОГ, Јакобсен, кој одлично ја искористи дадената шанса во игра, со ефект шест од седум шута од крило, а се наметна и како еден од сигурните изведувачи на ударите од линијата од седум метри, со 12 гола од 14 обида.
Полјакот Гебала (212 см), кој досега заедно со неговиот брат во полскиот состав најчесто имаше дефанзивни задачи во централниот дел од одбраната, на СП во Египет доби шанса што максимално ја искористи за демонстрирање и на своите напаѓачки квалитети.
Дел од плејадата млади надоаѓачки ракометни ѕвезди е и германскиот пикер Јоханес Гола (23), кој достојно ги замени стандардните Патрик Винчек и Хенрик Пекелер, како и повредениот Јаник Колбахар, потоа левиот бек на Австрија Лукас Хутачек (21), младите египетски бекови Хасан Кадах (20) и Ахмед Хешам (20), потоа левото крило на Норвешка Кристијан Блондз (20), полскиот лев бек Симон Сичко (23), унгарскиот десен бек Доминик Мате (21) итн.