Селекторот Игор Ангеловски изрази уверување дека Македонија ќе биде на максимално ниво и подготвена за победа, на денешната прес-конференција спроти утрешниот натпревар против Косово од полуфиналето во фудбалската Лига на нации.

– Сигурен сум дека на овој меч ќе го видите најдоброто од нашите репрезентативци. Овој натпревар Македонија го чека цели 30 години. Условите се невообичаени, но ние ќе се прилагодиме како целиот свет. Ќе одиграме максимално и во овие услови. Кажав дека мора да останеме со ладни глави. Меч, како и секој друг. Истиот пристап како и за сите така и за Косово. Самите се доведовме да бидеме во игра за ЕП. Добро знам што можат фудбалерите и дека тоа ќе го сторат. Наша задача е да се подготвиме за секое сценарио. Иако капитенот не е 100 отсто подготвен овој меч се игра и на мотивација и на инспирација. Мислам дека ќе го дадеме максимумот. Нијансите се на наша страна, очекувам ние да одиме во финале – истакна селекторот.

Капитенот Горан Пандев истакна дека за него ова е еден од најважните натпревари во кариерата. Упати благодарност до сите кои помогнаа да пристигне во Македонија и да се стави на располагање на тимот. Се надева дека со победа ќе го израдуваат нашиот народ.

– Благодарност до сите кои придонесоа да дојдам и да го одиграм овој натпревар. Значи од ФФМ па преку македонската амбасада во Италија голема благодарност до сите. Знаеме што носи овој натпревар. Имаме доста искуство, жално е што нема да има публика. Моја желба беше токму овој меч да го одигран пред публика, но што е тука е. Одиме на победа. Секако дека сум емотивен за овој момент, за овој меч. На овој народ му требааат вакви моменти и едно можам да ветам, дека ќе го оставиме срцето на терен за да го израдуваме македонскиот народ. Нијанси ќе го одлучат мечот, но ние се подготвуваме како и за сите мечеви – изјави Пандев.

Полуфиналето против Косово е закажано за утре од 20.45 часот, а победникот ќе се пласира во финалето на гости или кај Грузија или кај Белорусија, во ноември.