Техно

Компанијата „Уан плас“ официјално потврди дека ќе го претстави новиот паметен телефон „уан плас 11“, на настан закажан за 7 февруари следната година. Настанот наречен „Клауд 11“ ќе се одржи во Њу Делхи, а главната улога ќе ја има паметниот телефон „уан плас 11 5Г“, заедно со слушалките „уан плас бадс про 2“.
Рекламното видео прикажува редизајниран модул за камера, додека портпаролот на компанијата Спенсер Бранк потврди дека камерите се на компанијата „Хаселблад“ и дека многу саканиот лизгач за предупредување што недостигаше во моделот „уан плас 10Т“ се враќа.
Сè уште нема конкретни детали, рекламното видео ја содржи пораката „Witness the Shape of Power“, која веројатно има врска со полнењето, а се шпекулира и за брзо жичено полнење од 100 вати, процесор Снепдрагон 8 ген 2 и екран од 6,7 инчи, со стапка на освежување од 120 херци. Овие спецификации не претставуваат некое посебно изненадување, но сепак треба да почекаме до 7 февруари за сѐ да биде јасно. Со претставувањето на уредот во Индија, „Уан плас“ покажува дека има големи надежи за продажба на своите паметни телефони на овој пазар. Сè уште има простор за раст, а „Уан плас“ моментално е трет, зад „Епл“ и „Самсунг“, кога станува збор за уделот на пазарот на премиум паметни телефони.
Според предвидувањата, се очекува да има главна камера од 50 мегапиксели (Sony IMX890), ултраширока 48 (Sony IMX851), телефото од 32 мегапиксели (IMX709), како и камера за самослик од 16 мегапиксели. До 16 гигабајти РАМ, наводно, ќе биде поврзан со споменатиот процесор, додека уредот ќе се напојува од батерија од 5.000 милиампер-часа.