Фото: МИА

Модифицираниот француски предлог, поради кој се поделивме до невидени граници, предизвика бројни контроверзии, но, сите беа директно или индиректно поврзани со стравот од идентитетска закана, за Македонците и македонскиот јазик. Реферирајќи на тезата дека само како Бугари можеме да влеземе во Европската Унија, сакам да потенцирам дека апсолутно не постои начин од Македонец да направиш Бугарин, нагласи денеска претседателот Стево Пендаровски при годишното обраќање во Собранието.

Осврнувајќи се на масовните протести што се одржаа во текот на летниот период поврзани со таканаречениот „француски предлог“, за кој рече дека денес е европска преговарачка рамка, Пендаровски нагласи дека беше создадена атмосфера на жестоки политички тензии во земјата и перцепција во дел од јавноста дека тоа е судбинска дилема да се биде или не за нацијата и државата и дека наводно носиме одлука која ќе ја дефинира судбината на идните генерации Македонци и македонски граѓани.

– Тоа се два различни идентитетски кодови, два различни народа со своја специфична етногенеза. Во историјата нема таков пример, со договор да му биде сменето националното чувство на цел еден народ, потенцираше претседателот зборувајќи тензиите создадени меѓу Македонците и Бугарите, односно наводното загрозување на нашиот идентитет. И по пет месеци, длабоко сум убеден дека ставот кој го изнесов на 3 јули оваа година дека одлуката да го прифатиме модификуваниот француски предлог не е ниту историски триумф, ниту историски дебакл и денес може да издржи аргументирана критика. При тоа, одбивам да поверувам дека политичка цел или приоритет на претседателот на Франција или на пример, на германскиот канцелар им е да го обезличат македонскиот народ за како Бугари да не внесат во Европа – нагласи Пендаровски.

Пендаровски рече дека практичните чекори по усвојувањето на т.н. „францускиот предлог“ само потврдиле дека формулацијата за македонскиот јазик во рамката била недвосмислена, што, како што наведе, беше јасно потврдено со потпишување на договорот со Фронтекс.

Шефот на државата нагласи и дека во контекст на меѓународно заокружување на македонскиот идентитет, ова беше година на крупен исчекор и со конечното етаблирање на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија во рамките на православната екумена.

– Иако станува за збор за одлуки на верски власти, а ние живееме во секуларна држава, ноторен факт е дека туѓите пропаганди низ историјата, а и денес се обидуваат да ја разнишаат духовната врска на Македонците со нивната црква, потенцира Пендаровски.

Според претседателот на Републиката, таквиот позитивен развој на настаните овозможи и за првпат по повеќе години да се поклониме во манастирот „Свети Отец Прохор Пчински“ на местото каде што се поставени темелите на современата македонска држава.

– Туку, денес не е лошо да се потсетиме накусо каква е нашата грижа, поточно негрижа за македонскиот јазик, дома, во татковината, од каде што тврдам дека потенцијално нѝ доаѓаат поголеми опасности за неговото опстојување, отколку нападите од Бугарија. Дали беше потребно да го чекаме јубилејот 100 години од раѓањето на Конески, за да се соочиме со нашата негрижа за јазикот во јавниот простор, со драстично намалениот број на лекторати и македонисти во светот, со само неколкуте преостанати паралелки со македонски деца кои го изучуваат македонскиот јазик во дијаспората или очајната состојба со младиот наставен кадар кој со години не е обновен на факултетите и институтите по македонски јазик, рече претседателот.

Кога довербата во институциите е на ниско ниво, демократијата е во сериозна опасност. Кога клиентелизмот и партиската лојалност се критериум за вработување и напредување во кариерата, не треба да изненадува слабоста на институциите, порача денеска претседателот Пендаровски.

Надворешната политика, според Пендаровски предолго ја одредува динамиката на политичките процеси во државата и потребен е фокус на внатрешен план, дома.

– Недоволното темпо на нашиот економски и социјален развој во транзицијата е последица на неколку внатрешни структурни фактори, но, една од клучните причини за долгата, децениска историја на започнати, а незавршени реформи е корупцијата и со неа поврзаниот феномен на политички клиентелизам што ја еродира довербата на граѓаните во институциите – порача Пендаровски.

Неверојатниот медиумски интерес со кој беше проследена посетата на таканаречениот „тим за санкции” од САД, за Пендаровски, е најдобрата потврда за недовербата која нашите граѓани ја имаат во домашните органи штом единствената надеж за правда ја гледаат во странските и меѓународни институции.

– Меѓутоа, реалноста е дека никој однадвор нема да ја искорени корупцијата во Република Северна Македонија, ако тоа не го направат нашите институции и избраните политички претставници на граѓаните – рече Пендаровски.

Во оваа борба, посочи тој, влогот е огромен и државата или ќе ги стави криминалците зад решетки во затвори од затворен тип, или некои од нив и понатаму, со парите украдени од народот ќе продолжат да градат имиџ на чесни и доблесни граѓани и да ги исмеваат сите останати од безбедна дистанца.

– Во тој судир меѓу криминалците и огромниот број граѓани со образ има две цели: прво, како држава да покажеме конкретни резултати, не само апсења за јавност, туку, изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото, и второ, да се почитува презумпцијата на невиност, што значи, луѓето да не ги осудиме во јавноста пред да ги осуди надлежниот суд- нагласи Пендаровски.

Меѓутоа, подвлече Пендаровски, сите наши напори ќе паднат во вода ако надлежните правосудни органи се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека со пари од народот ги имаат обезбедено и своите сѐ уште неродени деца и внуци.

– Теза која многумина од нас ја повторуваат со години е дека нема правда ако нема актуелни политичари во затвор за корупција, но, правда нема да има и сѐ додека се на слобода судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои веројатно стојат коруптивни мотиви – нагласи Пендаровски.

Поради немаштијата и невладеење на правото „белата чума” продолжува да ја десеткува нацијата, порача Пендаровски, укажувајќи дека ние можеме да ја броиме и додаваме и дијаспората и да се залажуваме дека нѐ има повеќе, но, суровата вистина е дека според проекциите на Обединетите нации до 2050-та, доколку се задржат овие трендови, во земјата ќе имаме само околу еден милион жители од двата милиони колку што бевме кога ја конституиравме државата.