Фото: ЕПА

Ривер Плата е првата екипа од Аргентина што го резервира својот билет за турнирот во САД в година. На новото клупско СП со 32 тима ќе играат клубови од секоја од шесте конфедерации. Досега се пласираа 27 клуба, преостанатите пет слободни места се за уште два тима од Јужна Америка и по еден од Северна Америка и од Азија, како и еден претставник на домаќинот на турнирот. Од Европа на клупскиот Мундијал ќе настапат 12 клуба

ФУДБАЛ

Ривер Плата е новиот клуб што се пласира на воведното проширено клупско Светско првенство (СП), со што стана првата екипа од Аргентина што го резервира својот билет за турнирот во САД в година, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Клубот од Буенос Аирес обезбеди место на глобалниот фудбалски турнир барем преку ранг-листата, по победата со 2-0 на домашен терен против Либертад од Парагвај во клупското првенство на Јужна Америка, Копа либертадорес, во групната фаза, со што тимот на тренерот Мартин Демикелис се пласира во осминафиналето на континенталниот шампионат.
Новото клупско Светско првенство со 32 тима, кое ќе се одржи во САД во текот на јуни и јули в година, вклучува клубови од секоја од шесте конфедерации, кои ќе се натпреваруваат за титулата светски шампиони, пишува ФИФА. Со шест места на клупскиот Мундијал за тимови од Јужна Америка, победниците на Копа либертадорес во претходните три сезони, бразилското трио Палмеирас, Фламенго и Флуминенсе, веќе ги обезбедија своите места. Ним ќе им се придружат победниците на Копа либертадорес сезонава, плус првите два тима во рангирањето, кое се пресметува врз основа на настапите во Копа либертадорес во изминатите четири сезони, од кои еден сега сигурно ќе биде Ривер Плата.
Доколку Палмеирас, Фламенго или Флуминенсе повторно го освои трофејот сезонава, тогаш третото место од рангирањето ќе се отвори за тим што не е од Бразил, пишува ФИФА. Тоа е затоа што во случај клуб да победи на две или повеќе изданија на врвното клупско натпреварување на конфедерацијата во периодот од 2021 до 2024 година, патеката за рангирање ќе се користи за пласман на клупското СП.
На пристапната листа се применува ограничување од најмногу два клуба од една земја, со исклучок во случаите кога повеќе од два клуба од иста земја го освојуваат најдоброто клупско натпреварување на конфедерацијата во период од четири години.
Шесткратниот јужноамерикански шампион Бока јуниорс е следниот најдобропласиран тим во квалификациите, иако аргентинскиот тим и голем ривал на Ривер Плата не е вклучен во Копа либертадорес сезонава, пишува ФИФА.
Досега на СП 2025 вкупно се пласираа 27 клуба од 19 земји, преостанатите пет слободни места се за уште два тима од Јужна Америка (новиот континентален првак и еден клуб од ранг-листата) и по еден од Северна Америка (победникот на финалето на Купот на шампионите на Северна Америка, помеѓу Колумбус од САД и Пачука од Мексико) и од Азија (победникот во финалето на Лигата на шампионите на Азија, помеѓу Јокохама од Јапонија и Ал Аин од ОАЕ), како и еден претставник на домаќинот на турнирот.
Од Европа на клупскиот Мундијал во САД ќе настапат 12 клуба, и тоа Челси и Манчестер сити од Англија, Реал Мадрид и Атлетико Мадрид од Шпанија, Баерн и Борусија Дортмунд од Германија, Пари сен Жермен од Франција, Интер и Јувентус од Италија, Порто и Бенфика од Португалија и Салцбург од Австрија. Н.М.


КЛУБОВИ ШТО ДОСЕГА СЕ ПЛАСИРАА НА СП 2025

Африка: Видад (Мароко), Ал Ахли (Египет), Мамелоди сандаунс (Јужна Африка), EС Тунис (Тунис)
Азија: Ал Хилал (Саудиска Арабија), Урава ред дајмондс (Јапонија), Улсан (Јужна Кореја)
Европа: Челси, Манчестер сити (Англија), Реал Мадрид, Атлетико Мадрид (Шпанија), Баерн, Борусија Дортмунд (Германија), Пари сен Жермен (Франција), Интер, Јувентус (Италија), Порто, Бенфика (Португалија), Салцбург (Австрија)
Северна Америка: Монтереј, Клуб Леон (Мексико), Сиетл (САД)
Океанија: Окленд сити (Нов Зеланд)
Јужна Америка: Палмеирас, Фламенго, Флуминенсе (Бразил), Ривер Плата (Аргентина)
Извор: ФИФА

ПРЕОСТАНАТИ МЕСТА НА КЛУПСКОТО СП 2025
Азија: Победникот во финалето на Лигата на шампионите помеѓу Јокохама од Јапонија и Ал Аин од ОАЕ
Северна Америка: Победникот во финалето на Купот на шампионите помеѓу Колумбус од САД и Пачука од Мексико
Јужна Америка: Новиот континентален првак и еден клуб од ранг-листата
Претставник на домаќинот на СП 2025: клуб од САД