Високото образование во Македонија како да се има загубено во менувањето на концептите, а секако не оди во прилог и политизацијата на процесите и реформите и во другите степени на образованието – од предучилишното, преку основното и средното образование. Всушност, сите општествени и политички предизвици што ѝ се случуваат на Македонија се рефлектираат поразително и во образованието, што се покажува и на светското рангирање на универзитетите. Иако звучи како излитена флоскула – образованието секогаш е темелот на државата и општеството. Вистински дефинираниот пат во образованието значи пат кон вистински напредок на една држава
Од сите извештаи на релевантни меѓународни организации за напредокот и местото на Македонија во контекст на вредностите и стандардите на глобалното живеење, некако се чини дека најбргу ни минува загриженоста за резултатите на т.н. Шангајска листа, т.е. на Центарот за рангирање на светските универзитети (ЦРСУ), кој секоја година објавува листа на најдобрите 2.000 универзитети во светот. Оваа година, од Македонија меѓу 2.000-те најдобри светски универзитети, сепак успеа да се најде државниот универзитет „Свети Кирил и Методиј“, иако на 1.990-то место. Забележано е дури дека оваа година нема поместување ни подолу ни погоре од минатогодишната позиција, што во академската заедница во земјава воопштено е прокоментирано дека со оглед на тоа во какви (политички) услови ни функционира високото образование, можеме да сметаме и дека е успех што воопшто еден македонски универзитет опстанува во рангирањето меѓу најдобрите 2.000 универзитети во светот. Задржувањето на минатогодишната 1.990-та позиција на УКИМ во универзитетското рангирање, некако може да се третира и како запирање на тенденцијата на пад на ранг-листата во изминативе четири години, од 1.918-та позиција во 2020, па 1.944-та во 2021, 1.964 во 2022, за сега веќе две години најстариот македонски универзитет да биде сепак меѓу „првите 2.000 во светот“, макар и на последните десет позиции.
Динамичниот политички постизборен период во земјава, одгласите и рефлексиите на случувањата од меѓународната сцена, па дури и сеевропската дебата за морално-естетската димензија на музичкото натпреварување „Евровизија“ (и покрај неучеството на Македонија)… некако се наметнаа како теми што го преокупираат македонското општество во периодот кога е објавено светското рангирање на универзитетите, па се чини како грижата за високото образование во Македонија (и образованието воопшто) да е одложена за наредната година, кога ќе биде објавена новата ранг–листа. Сепак, дека интересот за високото образование не е на маргините на интересот на политиката надеж даде новата претседателка Гордана Силјановска–Давкова, чија прва официјална работна средба по инаугурацијата беше токму со ректорите на државните универзитети во Македонија. Со оглед дека и самата доаѓа од универзитетската средина, каде што ја има изградено сета своја професионална и научна кариера, разбирливи се нејзиниот интерес и загриженост за состојбите во високото образование.
И покрај „утешните“ оцени дека е добро што барем еден универзитет од Македонија е воопшто на т.н. Шангајска листа, во споредба со универзитете што воопшто не се нашле меѓу 2.000-те, споредбата со бројноста на универзитетите од регионалното опкружување, кои се наоѓаат пред УКИМ во ова рангирање, ја разјадува поткрепата и во тоа едно „зрно утеха“.
Имено, Центарот за рангирање на светски универзитети годинава рангираше 20.966 високообразовни институции, а УКИМ е единствениот македонски универзитет што се најде на потесната листа од 2.000 универзитети.
Листата на ЦРСУ се објавува секоја година, а при рангирањето, универзитетите и колеџите се оценуваат според факторите: образование, можност за вработување, настава и истражување.
Само како информација (бидејќи амбициите на македонските универзитети не досегаат дотаму), во првите пет универзитети на листата, годинава се најдоа: „Харвард“, МИТ, „Стенфорд“, „Кембриџ“ и „Оксфорд“.
Во политичките наративи последниве години сѐ почесто се употребува поговорката: „Ако сакаш да уништиш една држава, уништи ѝ го образованието“. Поговорката се користи како поента во политичките говори, но во практика главно продолжува незаинтересираноста за квалитетот на образованието, или експериментирање со него како некаков политички проект. Со измената на Законот за образование од 2000 година, кога високото образование престана да биде бесплатно, како да не се пронајде „формулата“ за задржување на критериумите и стандардите за знаењето и вештините што ги стекнуваат студентите, наспроти комерцијалните предизвици на универзитетите.
Искуствата на земјите каде што високото образование сѐ уште е бесплатно за студентите (Словенија, Грција) вели дека и за запишување на универзитет и понатаму постојат високи критериуми, односно се полагаат тешки приемни испити, што на некој начин прави селекција за понатамошен квалитет на студирањето. Високото образование во Македонија како да се има загубено во менувањето на концептите, а секако не оди во прилог и политизацијата на процесите и реформите и во другите степени на образованието – од предучилишното, преку основното и средното образование. Всушност, сите општествени и политички предизвици што ѝ се случуваат на Македонија се рефлектираат поразително и во образованието, што се покажува и на светското рангирањето на универзитетите. Иако звучи како излитена флоскула – образованието секогаш е темелот на државата и општеството. Вистински дефинираниот пат во образованието значи пат кон вистински напредок на една држава.