Бесплатни ПСА-тестирања за рано откривање на рак на простата се реализираат во Здравствениот дом „Железничар“ во Скопје, во рамки на одбележувањето на месецот на машкото здравје – „Мовембер“. Акцијата се организира трета година по ред, а бесплатни прегледи ќе има и во последните два четвртока од месецов, во периодот од 12 до 14 часот.
Надлежните информираа дека бесплатното тестирање започнало завчера со граѓани од ранливи категории. Околу 100 машки лица биле бесплатно тестирани досега. Се тестираат и од главниот град на државата, но и лица ширум земјава.
Министерот за здравство Сашо Клековски, рече дека сè што треба да се направи, е едно боцкање на прстот.
– Едно боцкање на прстот за рано откривање на рак на простата и да си заштедите себеси многу болнички денови и многу лекарства. ПСА-тестот е единствениот тумор маркер тест кој е дијагностички, единствениот кој може да се користи за рано откривање на рак. Сите други тумор маркер тестови се наменети за следење на веќе откриен рак. Методата е многу едноставна, не чини многу, дозволете си и дојдете направете ПСА тест – истакна тој.
Ракот на простата, рече министерот, со демографските промени, стареењето на населението ќе избие како број еден рак.
– На пример во Словенија ракот на простата е број еден. За неколку години мислам дека и кај нас ќе стане број еден рак, со тоа е здравствен предизвик од поголеми размери. Повторно, направете го овој тест, заштедете си себе многу болнички денови и третмани – нагласи тој.
На новинарско прашање колку често тој самиот прави ваков тест, колку му е редовноста, со оглед на тоа што и денеска се тестираше, тој одговори дека прави редовен систематски преглед на две години.
– Сега треба да зачестам бидејќи сум над 60 години, во основа препораките се разликуваат, во Европската Унија се смета дека тестирање на две години, кога се во ред резултатите, е во ред. А кога не се во ред резултатите, треба да појдете кај доктор да се советувате, вклучувајќи и тоа кај уролог да се советувате за понатамошните постапки и дијагностички процедури што треба да ги преземете – одговори тој.
Во земјава, рече, во основа, се прават до 80.000 тестирања на ПСА на сметка на Фондот за здравствено осигурување.
– Проблемот е што тие 80.000 не се соодветно распоредени спрема групите со ризик. Во основа има доволно тестирања, спрема демографијата на Македонија 58 до 115.000 тестирања, во зависност дали биле на една или на две години, се сосема доволни. Меѓутоа, очигледно е дека имаме групи кои почесто одат на контроли, некогаш непотребни, а имаме групи кои отсуствуваат од контролните механизми и тоа треба да биде предмет на ревизијата на програмата за рана детекција на рак на простата – појасни министерот.
На прашањето од која возраст треба да се почне со првиот преглед, тој одговори, во основа 50 години, доколку нема семејно оптеретување, ако нема други членови на семејството, од 45 години, ако има други.
На новинарската забелешка дека убави се ваквите прегледи, меѓутоа проблемот е со термините на уролог, тој одговори дека уролози нема само во Клиника за урологија и дека уролози има и во Битола, и во Тетово, и во Штип, и во Охрид, и во Струга и во многу други места.
– Не е Скопје единственото место за прегледување, ако збориме за цела Македонија. Доколку збориме само за Скопје, веројатно да, треба поголема достапност надвор од двете главни болници – одговори Клековски.
Директорот на установата, специјалист доктор Спасе Јанев рече дека превенцијата е највредната инвестиција во здравјето.
– Одговорноста кон себе и кон најблиските започнува со еден едноставен, но, важен чекор – превентивен преглед. Тоа не е ниту слабост, ниту нешто од што треба да се срамиме. Напротив, треба да говориме гласно и отворено на тема превенција – нагласи Јанев.
Тој апелираше да не се чекаат симптомите за да предупредат, туку да се делува навреме.
– Токму затоа организираме ПСА-тестирања кај машката популација над 45 години. Тие треба да знаат дека тоа е важен чекор што треба да го направат – додаде Јанев.
Бесплатното ПСА-тестирање на машката популација се одвива како поддршка на светското движење „Мовембер“.
Акцијата е во организација на јавната здравствена установа заедно со „Проџект хоуп“ (Project Hope), „Ротари ист“ (Rotary east) – Скопје, „Џентлменс кру“ (Gentlemans crew) и „Веспа клаб“ (Vespa club) – Скопје.







































