Фото: Пиксабеј

Утрово е најдено безживотно тело на 16 годишно лице во реката Пена кај месноста Бањиче. По пријавувањето во полиција, почнат е увид од претставници на СВР Тетово и Обвинителството.

– Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово изврши увид во местото викано Бањиче, каде во реката беше пронајдено безживотното тело на починатото 16-годишно лице. Јавниот обвинител издаде наредба за прибирање на сите траги и докази со цел да се утврдат причините за смртта – соопштија од прес службата на Јавното обвинителство.

Обвинителот издал наредба и за обдукција на телото на починатиот.

Малолетникот на 16 години кој беше најден починат утрово околу 7 часот бил од Ново Село, Општина Желино, информираше СВР Тетово. Неговиот татко вчера околу 16 часот пријавил дека се оддалечил од дома.

-Денеска во 7:10 часот во водите на река Пена, на патот кон место викано „Бањиче“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го пронашле телото на малолетникот од Ново Село, Општина Желино. Неговиот татко Џ.Х.(46) пријавил дека на 21.12.2022 околу 16 часот од дома се оддалечил со патничко возило „ауди“, со тетовски регистарски ознаки. Ноќеска околу 2:20 часот, возилото било пронајдено во близина на угостителски објект на место викано „Бањиче“- соопшти СВР Тетово.

На местото каде бил најден малолетникот смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош, а по наредба на јавен обвинител, тело е дадено на обдукција.