Сегашните геополитички случувања дополнително наметнуваат сложеност и неизвесност на целокупното опкружување и на расположивиот простор за реформи. Но длабоки економски реформи мора да има. Сето ова, како и бавниот напредок во приближувањето кон животниот стандард на ЕУ, нешто што е цел на секој граѓани во оваа држава, повикува на интензивна и темелна акција во наредниот период
Самит на „Македонија 2025“ во Скопје
Економијата да биде приоритет, да биде предвидлива, да не се носат закони прекуноќ, да функционира правната држава, да се смени односот на политичарите кон бизнисмените, да се укинат парафискалните давачки и царинските бариери се барањата што бизнис-заедницата ги повторува со години.
Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија, истакна дека завршија двојните избори и сега на ред е економијата. Тој неколкупати во ова предизборие апелираше дека не постои веќе простор за стопанството во земјава да биде во сенка.
– Македонскиот народ покажа висока демократска зрелост и во голем број, без некои поголеми инциденти, потврди дека му припаѓа на друштвото со европски вредности и јасно е определен да истрае на истите тие. Сега, во следните десет години економијата мора да биде приоритет, градењето правна држава и систем на пазарни вредности како определена цел – посочи Азески.
Азески: Нашата држава е на сериозен испит!
Бизнисот бара одговорност и имплементација бидејќи тоа се најважните алатки во работењето на сите избрани личности, органи и тела. На тоа ќе истрае и јавно ќе ја критикува секоја појава што не е во согласност со овие постулати. Азески вели дека нашата држава е на сериозен испит, може или не може да опстои како модерен чинител на регионалната и европската сцена.
– Бидејќи изборите завршија, почнуваме со темпото на работа од пред изборите. Првите неколку активности неделава ќе бидат посетата на компанијата „Бехтел и Енка“, средбата со врвното раководството на мултинационалната компанија „Костал“ од Германија, учеството на самитот во Котор, каде што ќе се состанат шесте претседатели на влади и на комори на земјите од Западен Балкан, а в петок во Комората ќе го примам раководството на „Македонија 2025“, кое токму деновиве одржува самит во Скопје. Ако на тоа ги надоврземе и редовните активности што неделава се одвиваат во Комората со Советот на странски инвеститори и Центарот за циркуларна економија, јасно е дека време за чекање нема. Бизнисот бара враќање на редовните колосеци, бидејќи состојбите во регионот и во Европа се доста неизвесни и проблематични – истакнува Азески.
Бизнисот најави дека подготвил нови и свежи идеи во согласност со условите за работа. Во оваа иницијатива Азески ги става рамо до рамо како домашните така и странските инвестиции. На кој начин ќе се враќа економијата во форма, тоа ќе зависи од идната влада. Отчукувањата и најавите од политичарите се дека работите може да се подобрат, секако не веднаш, туку со долгорочна стратегија. Но, како и да е, без реализација на големи капитални инвестиции, во кои ќе бидат вклучени македонски компании, не може да се очекува развој на економијата. За оваа намена веќе има во најава проекти од три милијарди евра во следните четири години.
Во Скопје самит на „Македонија 2025“: Фокус на развојот и просперитетот
Со фокус на развојот и просперитетот, вчера и денес се одржува 13-то издание на самитот на „Македонија 2025“ во Скопје. Самитот е една од најдобрите регионални платформи за размена на искуства, зајакнување на соработката и вмрежување на компаниите од регионот и дијаспората во насока на поттикнување промени во Југоисточна Европа.
Главните теми на самитот вклучуваат регионален развој и просперитет, стратегиско лидерство во време на промени и иновации, раководење и раст на семејни бизниси, примена на вештачка интелигенција, дигитална трансформација на бизнисите итн. Дополнително, ќе се обработат и теми поврзани со глобални стратегии за странски инвестиции, демократија и слобода на говор во дигиталното време, како и корупцијата како инхибитор на просперитетот.
Забрзан економски раст преку дигитализација, конкурентност, користење на потенцијалот на дијаспората се целта за повисок животен стандард.
– Сакаме да се фокусираме на областите каде што можеме да помогнеме. Тоа е нашата визија, ние како организација сме подготвени да ги вложиме сите капацитети, човечки и финансиски ресурси, контакти, знаења и слично, за да направиме вистински напредок во овие области – истакна извршната директорка на,Македонија 2025“, Никица Мојсовска Блажевски.
Според неа, меѓународните ризици се многу големи, прво пандемијата, па енергетската криза, и тоа се причини за пониските стапки на економски раст.
– Но, кога ќе направите споредба со слични земји, најчесто од опкружувањето, се гледа дека кај нив ситуацијата е многу подобра. На пример, во периодот 2021-2023 година, кумулативниот економски раст во земјите од регионот е 11 проценти, а во Македонија е само 3 проценти. Тоа укажува дека Македонија многу полошо се справила со овие кризи отколку земјите од регионот. Мора да имаме многу силен фокус на развојот наместо да вршиме прераспределба на ист буџет за разни целни групи.
На повеќето меѓународни рангирања и извештаи, според неа, државава заостанува и зад земјите во регионот и зад аспиративните врсници. Предизвиците за Македонија, покрај ниското ниво на економски развој, се и големите геополитички промени што влијаат на малите економии, како и големиот одлив на мозоци.
– Се чини дека нови линии на поделба континуирано се развиваат во земјата. Нискиот животен стандард и нискиот квалитет на живот дополнително ја влошуваат поделбата, што доведува до битка за тоа кој ќе го зграби поголемиот дел од јавниот колач – јавни вработувања, тендери, злоупотреба на јавните ресурси итн. Етничката поделба е силна и се чини дека навлегува во секоја суштинска дискусија и јавна дебата. Долгата транзиција и отсуството на значаен напредок ги попречуваат нашите погледи кон реалноста и нашата способност да размислуваме долгорочно. Сегашните геополитички случувања дополнително наметнуваат сложеност и неизвесност на целокупното опкружување и на расположивиот простор за реформи. Сето ова, како и бавниот напредок во приближувањето кон животниот стандард на ЕУ, нешто што е цел на секој граѓани во оваа држава, повикува на интензивна и темелна акција во наредниот период – рече Мојсовска Блажевски.
Поддршка за длабоки реформи и нови економски политики и програма
Таа се осврна на изборните резултати на последните парламентарни и претседателски избори, кои, како што рече, дадоа силна поддршка за длабоки реформи и нова програма.
– Меѓутоа, свесни се дека предизвиците на патот се многу големи – потенцира извршната директорка на „Македонија 2025“.
Таа го повтори повикот на „Македонија 2025“ за здружување на сите на патот до просперитет преку платформата „Една визија за забрзан раст“.
– Фундаментите на оваа визија се: нулта толеранција за корупција, континуиран раст на БДП над пет проценти, преку зголемени инвестиции во образованието, деловни и регулаторни реформи, поддршка на извозот и намалување на сивата економија, квалитетна и ефикасна јавна администрација и пристапување во Европската Унија. Апелираме и ги повикуваме политичките партии, бизнис-заедницата, академската јавност и сите граѓани да ги здружиме напорите и ресурсите за создавање подобра иднина. Мора да ги мобилизираме сите наши ресурси денес за да ја обликуваме нашата иднина – рече Мојсовска Блажевски.
Таа најави дека „Македонија 2025“ ќе ги активира целата своја мрежа и ресурси за да ги поддржи овие принципи, кои се фундаментални за забрзан раст.