Техно

Познатата игра „ГолденАј 007“ доаѓа наскоро на конзолата Иксбокс на „Мајкрософт“, како и на рачната играчка конзола Свич на „Нинтендо“. Станува збор за ремастер на легендарната игра што се појави во 1997 година за конзолата Нинтендо 64, а гејмерите наскоро ќе можат да ја играат оваа игра во 4К-резолуција на Иксбокс и Нинтендо свич. Дополнително, играта ќе може да се игра во режим на мултиплеер со поделен екран.
Играта ќе ја продава компанијата „Реар“, која потврди дека насловот „ГолденАј 007 ХД“ ќе биде достапен и преку Иксбокс гејм пас и Нинтендо свич онлајн. Сепак, онлајн режимите за мултиплеер ќе бидат ексклузивни за рачната верзија на Свич. Во моментов нема точен датум за издавање на играта, но се очекува наскоро.
Режимите „кампејн“ и „чит“ ќе бидат достапни за гејмерите, а ќе се врати и поддршката за аналогни стикови и формати 16:9 со резолуција до 4К. Оние што веќе поседуваат дигитална копија од компилацијата на играта Реар риплеј ќе ја добијат „ГолденАј 007 ХД“ бесплатно.
Оваа игра требаше да се појави во 2008 година на Иксбокс 360, но проблемите со лиценцирањето и авторските права беа компликација што го спречи тоа.
Оваа информација доаѓа додека обожавателите на британскиот агент Џејмс Бонд ја слават 60-годишнината од франшизата. По тој повод се одржуваат различни настани, од кои сите ќе кулминираат со Денот на Џејмс Бонд на 5 октомври.