Вечерва, во 20 часот, во Музејот на македонската борба ќе се одржи завршниот концерт од балканската турнеја на еден од најпознатите италијански кантавтори Виничо Капосела, кој во придружба на Виктор Хереро, Андреа Ламаќиа и Винченцо Вази ќе изведе репертоар на италијански фолклорни песни. Концертот е застапен од ИМАРТС, со поддршка на регионот Емилија-Ромања, во организација на Амбасадата на Италија во Скопје и Италијанскиот институт за култура од Белград и во соработка со Музејот на македонската борба во Скопје. Помеѓу 2 и 8 ноември, балканската тура ги опфати градовите Белград, Скутари, Тирана и Пеќ.
Кантавторот, трубадур и поет Виничо Капосела (Хановер, 1965) дебитира во 1990 година, со албумот „All’una e ttrentacinque circa“, кој му ја донесе и неговата прва плакета „Тенко“. Низ наредните албуми се развива на различни теми што гравитираат околу човекот, од што следуваат и многу успешни спектакли. Во 2013 година се раѓа „Спонц фест“, фестивал што сега влегува во своето десетто издание, а чиј творец и основач е Капосела. Тој сè уште е уметнички директор на фестивалот. По прекинот на концертните активности поради пандемијата предизвикана од ковид-19, во 2021 година Виничо Капосела ја продолжува турнејата со албумот „Bestiario d’amore“ и дебитира со спектаклот „Бестиjале комедиjа“, концерт со кој се прослави и јубилејот 700 години од смртта на Данте Алигиери.