Изложбата „БАНГ БАНГ: транслокална историја на перформанс уметноста“ во музејот „Тангели“ во Базел, Швајцарија, ќе биде отворена од утре до 21 август 2022 година.
Во центарот на оваа изложба се швајцарската перформанс-сцена, нејзините актери и мрежи, придружени со енергична и амбициозна меѓународна програма. Неверојатно богатата историја на медиумот ќе биде претставена во уникатен калеидоскоп од видеоинсталации, перформанси, фотографии и текстови. „БАНГ БАНГ“ ќе го прикаже развојот на перформанс-уметноста и ќе ги прецрта контурите на оваа дисциплина, која постојано се менува.
Изложбата е поделена на седум тематски поглавја претставени преку изложба, перформанси, видеопроекции и презентации. Куратори на оваа изложба се Лена Ериксон, Северин Фромаж, Муда Матис, Крис Рен и Андреа Саеман.
Македонската уметница Верица Ковачевска, која живее и работи во Цирих, Швајцарија, ќе учествува на изложбата со повеќе дела, како „Master Plan“ (Children’s edition) (2014), „The Artist“ (2013), „The Walking Project“ (2006-2010).
Заедно со кураторката Марикруз Пењалоза во јули тие исто така ќе претстават кратка програма на перформанс-уметност од Македонија насловена „Хибридни форми – хибридни практики во перформанс-уметност“, како дел од програмата „Социјална елеганција“.