Во Велес премиера на „Нема струја на електричниот стол“

Премиерата на претставата „Нема струја на електричниот стол“ од Александар Секулов, во режија на Дејан Пројковски, на сцената „Петре Прличко“ во Велешкиот театар, која беше целосно распродадена, се одржа во полна сала и со громогласни аплаузи. Приказната на претставата е среде апокалиптична околност, во која се сместени двата лика – оној што е осуден на смрт со електричен стол и оној што треба да ја изврши осудата. Оваа црна комедија маестрално беше изведена од страна на Васил Зафирчев и Исидор Јованоски.
Овој мултимедиумски проект има цел да ги преиспита границите меѓу сценското дејство, филмскиот израз и видеоанимацијата, преку постојаното претопување на различните медиуми во единството на театарската претстава.
Музиката во текот на целата претстава ја изведува во живо Сашко Костов.
Пиесата „Нема струја за електричниот стол“ од современиот бугарски писател Александар Секулов на сцената ја донесе извонредниот Дејан Пројковски.
По големиот успех на претставата „Инферно“, за чии изведби и натаму се бара билет повеќе, ова е втора соработка на Пројковски со Велешкиот театар.

Покрај режисерот Пројковски, зад претставата се: Сашо Димоски како драматург, Филип Коруновски како автор на сценскиот дизајн и плакатот за претставата и коавтор на видеодизајнот и анимациите, заедно со Борче Конзулов. Музиката за претставата и нејзината изведба во живо е на Сашко Костов, а камерите во претставата се на Данчо Стефков и Александар Костов. Актерската изведба им е доверена на Васил Зафирчев, во улогата на осудениот на смрт, и на Исидор Јованоски, во улогата на Леонард.
Александар Секулов е еден од најзначајните современи бугарски писатели, преведен на многу јазици во светот. Неговиот опус, остварен во драмата, прозата и поезијата, е закитен со најпрестижните бугарски награди, каков што е и случајот со „Нема струја за електричниот стол“, пиеса што во 2016 година ја добила престижната награда за современа бугарска драматургија „Аскер“.
Дејан Пројковски е еден од најзначајните театарски режисери во регионот. Во неговото портфолио има голем број маркантни наслови од историјата на светската драма и книжевност, реализирани во најзначајните театарски куќи, закитени со најважните театарски награди.
Оваа црна комедија е изведена во дуодрамски формат, иновативниот сценски јазик на Пројковски е изграден во колизијата меѓу актерската игра на сцената и користењето на филмскиот кадар во функција на сценското дејство. Дијалогот пласира луцидна, иронична и саркастична приказна, која низ мултинаративен систем генерира уникатно сценско доживување. Овој мултимедиумски проект има цел да ги преиспита границите меѓу сценското дејство, филмскиот израз и видеоанимацијата преку постојаното претопување на различните медиуми во единството на театарската претстава. В.Д.