Издавачката куќа „Антолог“, во рамките на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“, ја објави книгата „Пчелно семејство“ од Ања Мугерли, збирка од седум раскази. Секој расказ застапува одреден обред или обичај од словенечката традиција, кои во делото на Мугерли се вметнати во поинаков контекст или во современи рамки, така што добиваат нова улога и нова смисла. Централна тема на секој расказ е семејството: било да е неостварено („Јаболкарка“), обединето и потоа раздвоено („Пламени јазици“) или некое што во нормални услови би можело да стане вистинско („Пчелно семејство“). Сите раскази, освен еден, се случуваат во сегашноста, но поради ритуалите и атмосферата се чинат безвременски. Авторката со јазична виртуозност нè внесува во свет што не го познаваме, иако живееме во него. Во 2021 година „Пчелно семејство“ ја доби престижната Награда за литература на Европската Унија.
Ања Мугерли (1984) е словенечка писателка. Дипломирала словенистика, а магистрирала креативно пишување. Нејзиното книжевно првенче, книгата „Зелената фотелја“ е објавена во 2015 година и е номинирана за најдобра дебитантска книга на саемот за книга во Словенија, истата година. Во 2017 година го објавува и првиот роман, насловен „Сповин“, кој бил номиниран и за роман на годината во Словенија. Стилот на пишување ѝ е суптилен, со огромни психолошки анализи на протагонистите. Кратките раскази ѝ се преведени на хрватски, српски, македонски, англиски, германски, француски, унгарски и литвански јазик. Во 2019 година беа продадени филмските права за нејзиниот прв роман и беше прикажан на фестивал во Кил, Германија. Мугерли пишува и драми, а две добиле награди на меѓународни натпревари во Италија. Моментално живее во Нова Горица, на границата помеѓу Словенија и Италија.