Свети Климент предводник на македонската симфонија

Имаме ли ние достојни наследници на Свети Климент, имаме ли како македонски народ Светиклиментова вера, ум и решителност, во каква наказа си ја претворивме државата? Денес потомците на сите словенски народи ги уживаат благодатите од нивната несебична храброст. Да не бил Свети Климент, многумина денес би имале поинакви имиња, би имале туѓ јазик и би користеле поинаква азбука. Ова особено важи за нас Македонците

Бадијала ќе ни бидат секое сеќавање и секое чествување на некој празник или јубилеј доколку активно не учествуваме во него, односно доколку не ги промислуваме или усвоиме неговите основни поенти и насоки. Празникот не се состои само во пирување до самозаборав или во држење умни говори, бидејќи така најчесто се прави несвесен отклон од неговата вистинска смисла. Напротив, доколку неговата содржина не поттикнува во нас длабоко размислување, самокритика и себепреиспитување, тогаш празникот се претвора во обично загубено време, во празен и студен виор, кој постепено натрупува уште еден слој од сива прашина врз нашите скаменети срца.
Деновиве со трепет и благоговејност сме застанати пред портите на еден од нашите најзначајни празници, а тоа се разбира е денот кога се сеќаваме на нашиот духовен патрон и великан, на Светиот Климент Охридски архиепископ и чудотворец. Неговото житие на сите горе-долу ни е добропознато. За хронологијата на неговиот свет живот и за неговите дела се напишани безброј световни и духовни студии, па затоа сметам дека на ова место би било излишно да се задржиме на обичната фактографија. Затоа ги повикувам читателите, барем за момент да се нурнат со своите души во недостижните длабочини на неговата личност, каде што се распослани најубавите духовни ливади, каде што за ваквото богатство не постои утврдена цена, каде што едноставно се застанува простум и со огромна почит се набљудува и созерцува неискажливата вредност што секому од нас посебно му се дарува и која чека да биде усвоена, применета и опредметена во нашиот секојдневен и практичен живот.
Кога би биле амбициозни, односно кога би си задале тешка и речиси неостварлива задача, па да се обидеме и да ја опишеме со еден збор, со една карактеристика личноста на Свети Климент, се разбира со намера да извлечеме една корисна и поучна паралела што ќе соодветствува на нашево време, тогаш би рекле дека нашиот родоначалник Свети Климент бил еден храбар и неустрашив маж, кој и тоа како ни е потребен во нашево бурно и турбулентно општество, кога храброста ни е заменета со слабост, а напорот ни е претворен во сервилност. Замислете! Еден учен и даровит човек, од една мала византиска провинција, каква што тогаш била неговата родна Македонија, заедно со своите истомисленици тргнува на пат што води во неизвесност, заминува на дипломатска и духовна мисија во едно мало и ослабено кралство, кое е опкружено со силни и перфидни соседи, кои имаат намера длабоко да ги закопаат сите твои идеи, да ги погазат сите твои обиди и да ги избришат сите твои очекувања и верувања.

Притоа, не очекувај дека ќе трпиш само клевети, озборувања и понижувања, тоа од нив може дури да се смета за благост и снисходливост, твоите непријатели се со ниет целосно да те уништат и збришат од сечие сеќавање, од секоја црта на човековата историја. Е, овде за момент застанете и префрлете се во нашава денешна реалност. Имаме ли ние достојни наследници на Свети Климента, имаме ли како македонски народ Светиклиментова вера, ум и решителност, во каква наказа си ја претворивме државата? За жал, мораме да си го поставиме и ова прашање. Како резултат на нивната љубов и посветеност, Свети Климент, заедно со преостанатите Свети Седмочисленици, просветиле, описмениле и привеле кон Христа стотици милиони луѓе. Барале ли тогаш од моравскиот кнез посебни услови, богати хонорари, обилни ручеци или лицемерни признанија? Се разбира дека не. Единствената награда што ја очекувале била Царството Божјо, бидејќи сè што правеле било Христа ради. Од Христа ја учеле Неговата спасоносна наука, поточно речено, чесно и вистински го живееле Неговото величенствено човекољубие.
Денес потомците на сите словенски народи ги уживаат благодатите од нивната несебична храброст. Да не бил Свети Климент, многумина денес би имале поинакви имиња, би имале туѓ јазик и би користеле поинаква азбука. Ова особено важи за нас Македонците. Ние денес имаме назадување во сите пори на општеството. Сега е правиот момент да си го признаеме ова. Денес, нашиот т.н. интелектуалец, кој е потонат во комодитетот, е со спорна и накарадна образованост. Општествениот деец е морална руина, кој слично на темен облак надалеку ја фрла својата црна сенка. За него сè има трговска вредност: и името на државата, и јазикот, и македонската историја, па дури и човековиот живот. Ако денес би дошол Свети Климент меѓу својот возљубен народ, малкумина би го препознале, малкумина би имале духовна сила да станат негови верни следбеници. За жал, таква е нашата реалност. Ќе мораме да се надеваме и да чекаме подобри времиња, ќе треба да настапи една нова генерација, која ќе биде подготвена да плати висока цена за да ги поправи сите настраности, сите грешки и гревови, кои ние обилно им ги оставаме во наследство. Но, ве уверувам, дека така ќе биде, оваа земја, оваа наша благочестива мајка наречена Македонија ќе изроди достојни синови и ќерки, кои со делата на своите раце ќе создадат нови и неразрушливи духовни вредности.

Така мора да биде, бидејќи Бог ги штити своите и никогаш не ги остава своите верни чеда на налетот на демонската ветрометина.
Секоја година на денот на Свети Климент ми доаѓаат во сеќавање прекрасните зборови на блаженоупокоениот архиепископ охридски и македонски г.г. Михаил, кој вдахновено ги искажа при своето востоличување на тронот на охридските архиепископи. Дедо Михаил во таа пригода рече: „Цела ноќ го слушам тивкиот глас на Свети Климента како ми шепоти: Денес, македонскиот народ, Македонската православна црква, македонската држава, синовите и ќерките на Македонија празнуваат голем празник. Настојувај и ти да се вклучиш во таа прекрасна македонска симфонија од камбани и човечки гласови, од силни мисли и свети чувства и биди им водач и предводник во таа божествена симфонија“.
Овие зборови на големиот наш современ проповедник и владика се сосема доволни за да ги заслужиме и почувствуваме радоста и благословот од овој празник. Ваквите благочестиви примери нека ни бидат водилка и потпора во нашиот живот, притоа имајќи предвид дека како македонски народ на плодно тло сме насадени. Потребно е со љубов и посветеност редовно да го залеваме ова Светиклиментово семе, кое озарено од добрите Божји зраци, со стократен плод ќе ги наполни нашите духовни и народни амбари.