Престижното археолошко списание „Антиквити“ објави труд на Центарот за истражување на предисторијата, кој се однесува на неолитскиот локалитет Влахо кај Живојно во Пелагонија. Во едицијата „Проџект галери“ на ова списание, кое го издава Универзитетот во Кембриџ, сумирани се последните сознанија за оваа мошне значајна неолитска населба, како за македонската така и за европската археологија.
– Имено, во трудот е истакнато присуството на десетина рова, евидентирани на локалитетот Влахо преку неговото геофизичко скенирање. Резултатите од ова истражување посочуваат на дури тринаесет полукружни концентрични ровови што во моментов претставува единствена ваква појава во предисториска Европа. Во просторот што го опфаќаат овие ровови се присутни уште два паралелни рова што формираат правоаголна целина, во која се присутни остатоци од повеќе неолитски градби. Надвор од овој мошне интересен комплекс, геофизичкото скенирање потврди уште два рова што се формирани независно, а за кои во моментов не се знае дали се истовремени или, пак, се направени подоцна – велат од Центарот за истражување на предисторијата.
Она што е фасцинантно за овој локалитет е фактот дека тој е датиран во 64 век пред новата ера, што наедно го прави и еден од најстарите неолитски локалитети во Европа. Во таа смисла, доколку овие десетина полукружни рова се изработени во раниот неолит, што е сугерирано од добиените датуми и материјалната култура, тогаш тоа го прави овој локалитет исклучително важен поради неговата специфична просторна организација, која не е вообичаена за Балканот, но и пошироко.
– Во таа смисла, издавањето на овој научен труд во реномираното списание „Антиквити“ ќе му даде многу поголемо и светско афирмирање на локалитетот Влахо кај Живојно и на неговите хронолошки, просторни и културни обележја. Со самото тоа што трудот е рецензиран од врвни светски стручњаци, ја потврдува веродостојноста на изложените резултати и овозможува нивно темелно вклучување во студиите на голем број истражувачи. На тој начин се истакнува и значењето на оваа мошне специфична неолитска населба и потребата за нејзино долгорочно проучување и заштита – велат од центарот.
За жал, локалитетот Влахо кај Живојно во Пелагонија во моментов е соочен со сериозно оштетување, поради ископувањето јаглен во неговата близина, но и во рамките на периферијата на неолитската населба. Несовесното однесување кон овој локалитет предизвикува оштетување на неговите периферни делови и особено на рововите што претставуваат негово уникатно обележје. Поради тоа, неопходна е итна заштита на ова наоѓалиште и многу погласно апелирање за негово целосно зачувување. Во таа смисла, публикувањето на најновите сознанија за овој уникатен локалитет во угледното списание „Антиквити“ ќе придонесе Влахо да биде препознаен на меѓународно ниво и да му се овозможат соодветен научен третман и заштита. Освен истакнати светски научници од кои дел се вклучени во истражувањето на Влахо, за неговата вредност и специфичност стануваат свесни и меѓународни организации, кои ќе иницираат негова целосна заштита. В.Д.