Со изложба на тројцата годинешни добитници на наградата „Денес“, Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ и Бурџу Мусли, на 14 септември во националната галерија „Чифте-амам“ ќе се заокружи одбележувањето на јубилејот 20 години од првото доделување на оваа награда за млад визуелен уметник до 35 години. Наградата во текот две децении континуирано им нуди на младите уметници програма за престој на уметници во Њујорк, уникатно искуство во специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, средби и презентации со интернационална комисија и продукција на нови дела во рамките на изложбата за наградата.

Одбележувањето на 20-годишнината на наградата започна во април годинава, со петдневна едукативно-дискурзивна програма за млади уметници „Совршениот уметник“, каде што млади уметници се стекнаа сo практично-теориски вештини во современата уметност и критички увид во својата практика, но и во локалниот контекст виден од интернационална перспектива. Потоа продолжи со изложбата „Прекаријатот има шанса: јавни простори во движење (кон)“ во галеријата „Структура“ во Софија, каде што 20 уметници од земјава, некои од нив добитници, учесници или финалисти на наградата „Денес“, ја претставија својата рецентна практика пред софиската публика.

Одбележувањето кулминира со изложба на тројцата добитници на наградата, документарна изложба за наградата и церемонија по повод јубилејот придружена со музичка и дискурзивна програма.