Во издание на реномираната издавачка куќа „Арка“ деновиве е објавен избор од поезијата на Христо Петрески на македонски и на српски јазик. Изборот е објавен под заеднички наслов „Третиот камен“, а во него се содржани песни од книгите „Обратна“, „Пергамент“ и „Здив пред огледало“.

Станува збор за обемен избор од три понови стихозбирки на Христо Петрески, меѓу кои е и стихозбирката „Пергамент“ за која Петрески ја доби наградата „Ацо Караманов“. Преведувач на сите песни од изборот „Третиот камен“ е академик Ристо Василевски, а кон поетското творештво на Петрески со критичко-есеистички текст се осврнува познатиот српски писател Душан Стојковиќ. Преводот и печатењето на книгата се поддржани од Министерството за култура.