Рецензија

  • Кон „Разбудена вода“ – хаи(бун)наку од Дијана Петкова

Писателката Дијана Петкова е мошне интересен феномен на современата македонска книжевна сцена. Вљубеничка во хибридните книжевни форми, инспирирани од традиционалните јапонски и модерните американски куси поетски форми, создава свои авторски форми, а во нејзината најнова експериментална збирка „Разбудена вода“ поместува дваесет патописни хаи(бун)наку – а инспирирани од нејзините патувања на места каде што има вода и уште толку хаи(на)ку – а, превртено и огледално хаи(на)ку. И токму во оваа комбинација на нова и авторска книжевна форма хаи(бун)наку во комбинација со патописот и мотивот на екологијата се содржи најголемата иновативност и уникатност на ова дело.
Форма: Петкова овој пат пред македонската книжевна читачка и академска јавност ја воведува формата што таа ја нарекува хаи(бун)наку и ја дефинира оваа своја авторска форма како „кратка хибридна форма инспирирана од хаибунот, но во неа краткиот расказ наместо со хаику е искомбиниран со хаи(на)ку, превртено хаи(на)ку и огледално хаи(на)ку“, современи и нови куси поетски форми, кои како менторка ги воведов на курсевите по креативно пишување што ги држев во неформалното образование (да се потсетиме, хаи(на)куто претставува многу едноставна поетска форма составена од три реда со еден збор во првиот ред, два збора во вториот и три збора во третиот ред. Тоа е нова поетска форма што за првпат ја промовира американската поетеса Ајлин Табиос во 2003 година).
Жанр: Петкова ја посветува својата најнова книга на патописите, кои, како што самата напоменува во воведот, произлегле од нејзините патувања на места каде што има вода. Тие места се наоѓаат во Македонија, но и во странство, правејќи ја сета Земја нејзин дом. Нејзините патописи се уникатни, фокализацијата им е секако автобиографска и белетристича, нефактичка, а тоа само се дополнува со формата во која се напишани.
Симболизам: Во најновата книга на Дијана Петкова, симболот на водата е многу моќен. Авторката пишува за свеста на водата, но и за свеста за водата; во својот вовед ја става водата на пиедестал велејќи дека водата е нејзината „водилка – придружничка“. Низ хаи(бун)накуата се среќава богат речник што укажува на симболот на водата во сите нејзини агрегатни состојби и со сите нејзини физички и хемиски својства: река, небо, облак, водолии, солзи, плови, море дури и топоними (пр. Треска, Радика, Гратче, Бабуна, Вардар, но и Комо, Лугано, Остенде, Шевенинген…), но и симболи со антонимско значење (пр. каменот).

Женско писмо: „Разбудена вода“ претставува и пример за таканаречено женско писмо, и тоа од многу аспекти. Прво, напишана е во жанр измислен и промовиран од жена автор, кој се базира на жанр што, исто така, е измислен и промовиран од жена автор, а на ова може да се надоврземе и дека ниту еден маж автор никогаш претходно не напишал книга во овие жанрови. Второ, за разлика од „машките“ патописи, кои се дескриптивни, фактички, понекогаш дури и оценувачки, „женските“ патописи на Дијана Петкова се пишувани од една сосема поинаква фокализација; тие се поетични и интроспективни и прават силни паралели меѓу внатрешниот душевен и надворешниот конкретен свет. Уште во втората реченица на воведот, авторката го воведува симболот на водата како нешто „најженско“: „(водата) ме следи уште од мојот зачеток, во утробата на мајка ми, преку моето раѓање и продолжи во мојата утроба со раѓањето на двете деца што ги донесов на овој свет“. Таа поврзаност на жената и мајката со водата се провлекува низ сите хаи(бун)накуа во збирката, па и во воведот. Авторката пишува дека таа свесно оди на места каде што има вода за да биде во близина на водата, затоа што присуството на водата ѝ е пријатно и со желба да ги разбере нејзините шепотења и да може подолго да ужива во благодатите на водата, свет што им го дава и на читател(к)ите.

Општествено одговорно книжевно дело со еколошка свест и порака: „Разбудена вода“, меѓу другото, претставува и книжевно дело со еколошка свест и порака, а тоа го прави ова дело општествено одговорно. Имено, фактот што водата е препознаена како важен природен ресурс, а истовремено и како важен книжевен симбол, го мапира ова книжевно дело меѓу ретките книжевни, ненаучни дела посветени на екологијата и инспирирани од неа. Во делото се читаат јасни пораки за важноста на водата како природен ресурс, меѓу кои и пораката за „подигнување на свеста кај луѓето за значењето на водата и за развивање одговорен однос кон неа“: „Внимателно да ја користиме и да не ја трошиме непотребно/залудно. Кога ги гледам реките, езерата, морињата и океаните, постојано го слушам нивниот молбен глас да станам уште посвесна, да не загадувам за да можам…“
Збирката хаи(бун)накуа на Дијана Петкова, „Разбудена вода“, е дефинитивно иновативно и уникатно дело, не само во Македонија туку и во глобални рамки. Она што јас го воведувам теоретски во книжевноста преку своите работилници за креативно пишување, Дијана Петкова го втемелува со/во своите збирки. Искрено се надевам дека нејзините дела ќе инспирираат нови, особено млади, автор(к)и за да создадат нови дела од овој тип и со тоа ќе се прошират и ќе се востановат ваквите иновативни и креативни книжевни жанрови во Македонија, па и надвор од нејзините граници.

Елена Пренџова