Неочекувано за мене, друг читателу, мојата драга „Нова Македонија“ го одбележа нашиот голем, да речеме, национален празник (иако тој статус на суверенитет го урнавме на почетокот со какофонијата граѓански и етнички концепт во ист „демократски“ кош) со онаа минорна бриселска, а во цивилизациски симболизам, и европска скулптура на малиот бесрамен мочко истопорен на плоштадот на ЕУ. Посимболична слика (а ќе откриеме понатаму во текстот уште поекспресивна и посимболична) за цивилизациjата во тотална морална атрофија нема. Тој „Манекен пис“ (Manneken Pis), на наш Цепенков елементарен јазик мочко, беше по повод 8 Септември истопорен како современ европски симбол и на целата насловна страница на „Нова Македонија“, иако, сепак, јас лично, драг читателу, на негово место тој празничен ден очекував искрено да го видам, на пример, мојот херој над хероите, заедно и со Спартак и Че Гевара, Јане Сандански.
Така. Но тука се работи за она што се вика контекст, од идејата на редакцијата да ја прикаже со една минорна симбологија сета цивилизациска морална беда на колонизаторска Европа маскирана под лажното хипокритско, божем обединувачко име ЕУ. А тоа е нејзината проѕирна ариевска маска завиткана во космополитски целофан. Тука нејзиниот Гете беше искрен и ненашминкан космополит, па во тој стил и го навести доаѓачкото време на светската литература како пророчки импулс можеби и па надоаѓањето на космополитското обединување на неговата Европа, која никогаш не излегла надвор од својот затворен колонијален егоизам и меѓусебни верски, граѓански и секакви други војни. Но залудно, драг читателу. Како што гледаме, неговиот утопизам доведе како несреќно пророштво во денешната гротескна карикатура ЕУ, која исправно според луцидно оформениот контекст од редакција на мојот сакан весник симболички во само еден скицуозен потег е претставена во мочкото на бриселскиот ЕУ-плоштад „Манекен пис“. За тоа ги давам моите честитки. Овој драгоцен за нас историски и идентитетски весник, за жал, едно време ги бранеше ЕУ и нејзините (анти)вредности. Пред десетина години, кога немавме доволно инстинкт од нашите историски трагедии со неа да го предвидиме нејзиниот најнов и најкатастрофичен налет на Македонците и македонизмот што резултираше со смртоносниот Преспански договор, по кој сега залудно претаме и се топориме со храброст. Го прелетавме времето. Тогаш јас бев колумнист во „Нова Македонија“ и мавав без пардон по обновениот по Втората светска војна фашизам на колонијалистичка Европа. Но Европските Орвелови надгледници на запустениот Балкан и Македонија го следеа тоа, па беше препорачано од нив да бидам склонет надвор од страниците на весникот. Тоа е факт. И така и бидна. Па бев отстранет без да ми биде даден мотивот за тоа, а притоа и да ми се заблагодари редакцијата за мојата петгодишна (без два месеца) бесплатна колумнистичка работа тука. Сеедно. Јас знаев, не сум суетен и го голтнав тоа. Таков сум и не можам да се менувам. Што вели мојот руски пријател, големиот поет Осип Мандељштам, и во смртта усните ќе ми ја шепотат приказната за вистината и правдата. Така. И мојот колумнистички егзил надвор од страниците на „Нова Македонија“ траеше цела година и пол кога бев повторно викнат од редакцијата да продолжам со моите колумни во нејзиниот и мојот (тоа е важно: и мојот) весник, оти знам што значи тој во нашиот историски контекст и прифатив без размислување бидејќи не држам пизма, а и искрено не се чувствував повреден, не сум будала да ги сфаќам евтините ветрови на политиката против која цел живот досега сум пловел и на неколку пати таа пловидба сум ја плаќал со скапа цена за мене и моето семејство патолошки морално чесно.
Во ред, драг читателу, пак долга дигресија, дигресија врз дигресија, но тоа е нашиот стил од јасни фрагменти да се состави целината на утопијата или антиутопијата. Па и Ниче, да не бидам сфатен погрешно, тоа го правеше во филозофијата, која тој повеќе ја сфаќаше како поет отколку како филозоф, напуштајќи ја германската традиција на филозофи тешкаши творци на монументални и доста матни и метафизички системи како што се тоа системите на Кант, Хегел, Хајдегер и други. Така, но ние се враќаме на фрагментот, минорен ама важен од европската цивилизација „Манекен пис“ со кого воленс-ноленс, рака на срце, заглави празнично мојот весник, а ќе се потрудам да го објаснам тоа. Тука само ќе повлечам засега една неопходна аналогија на тој пис (фалус) што ја симболизира, признавам, модерна бриселска ЕУ-Европа. Тој модерен на бриселската статуетка цивилизациски пис (фалус) на таа и таквата Европа отстапи пред римскиот голем ментален пис, фалус на колонизаторска Европа карактеристичен за жестоката Римска Империја, чиј наследник е таа. А камо да беше наследник на космополитскиот фалус на македонската космополитска империја на која Европа со презир и страв се потсетуваат и денес нè ништат нас Македонците. Тоа е вистината. Но да не се оддалечуваме. Оној мал бриселски пис (фалус), мислам дека со мене ќе се сложи и Фројд, драг читателу, во сегашен цивилизациски контекст е толку мал и затоа што на спротивната страна на западната цивилизација преку океанот сè уште е преголем писот на хегемонот Америка, кој него посебно на сцена на модерната историја го истопори со Хирошима и Нагасаки. Колонизаторска Европа сакаше да ја компензира таа фрустрација неколку години (изгледа задоцни) по тоа со бомбардирањето на македонските деца во Егејска Македонија со напалм-бомби. Тоа беше планот на Черчил. Тој тип што нè убиваше со пура меѓу забите и со чаша виски. Англосаксонската ариевска раса, која многу порано пред Хитлер и пред Сталин ги отвори своите смртоносни гулази за Абориџините во Австралија и Нов Зеланд, а потоа и Македонците ги стави во геноцидна карта на Абориџините и Индијанците во Северна Америка, кои (терајќи ги 15 милиони во смрт) ги убиваше покрај со куршумите на својата англоамериканска армија и во перверзен хуманитарен акт (кај антрополозите дефиниран како хуманитарно убиство) давајќи им во студената американска зима на Индијаниците ќебиња за да се стоплат преполни со вируси на вариола вера и тифус. И тие умираа мислејќи дека една хумана цивилизација ги спасува од смрт. „О Боже, како да се истрада сета оваа болка“ вели мојот сјаен поет Георг Тракл.
Така. „Нова Македонија“, сега со тоа бриселско мочле како архетипска слика на ЕУ, на оваа расипана цивилизација тргнавме без пардон на дијагностицирање на болеста на Европа. Во ред. За пофалба е тоа, драг читателу, ама Европа ја напаѓале, оти од неа каква што е морално расипана им се гадело, не само сега на нас освестените непоткупливи Македонци и на некои просветлени европски умови и индивидуи. Ги има многу, но јас сега и во контекст на „Манекен пис“ ќе се навратам кон францускиот авангарден уметник Марсел ди Шамп, кој исто така на еден суров симболички начин ѝ поднесе неверојатна остра саркастична критика на Европа. Во стилот на откачениот дадаизам непосредно по Првата светска војна кога во еден еминентен париски уметнички салон како свој уметнички артефакт постави една клозетска шолја. И тоа беше, драг читателу, неверојатен шок за француската аристократска импресионистички изнијансирана уметничка публика. Шок. Добро, ама некои проникливи со дух и ум сфатија дека таа клозетска шолја е симболичката слика на Европа по Првата светска војна во која таа испрати милиони нејзини млади луѓе на касапница. Оттогаш досега јас не знам, драг читателу, некоја друга поекспресивна симболичка слика што ќе го претстави цивилизациското расипано лице на Европа. Затоа, бидејќи редакцијата на „Нова Македонија“ посегна по сликата на бриселскиот мочко „Манекен пис“, која е бледа во однос на сликата што ја понуди на париската изложба Марсел ди Шамп, да ја земе неа во некоја следна пригода на насловната страница за илустрација на ЕУ. Многу е реална и ефектна. И јас ќе се приклучам, ако дозволи редакцијата, кон еден поопширен коментар на неа. Ама паралелно со неа треба покрај неа како есенцијален коментар да се објави и македонската народна песна „Европо блуднице вавилонска“, што е исто така како клозетската шолја на Ди Шамп дијагностичка слика на Европа, откако Македонците ги доживеаја европските голготи по двете балкански и Првата светска војна како безимени војници на сите завојувани страни.
Добро. Тоа и така. Но, драг читателу и почитувана редакцијо на весникот, единственото нешто што за мене е спорно во овој, сепак, луциден приказ на симболичката слика на расипаната ЕУ-цивилизација, е малку несреќната досетка бриселскиот Пис (фалус) да се облече во архетипска македонска носија. Тоа е, како што би рекле Французите сакрилеж (sacrilège), а ние – богохулие“. А и контекстуелниот коментар тука е малку насилно изведен со поентата дека со тоа „материјализирано паметење за првпат статуетката ’Манекен пис‘ ќе биде облечена во традиционална наша носија и во срцето на Европа македонската традиција ќе добие свој визуелен и јавен знак“. За жал, многу конфузно и ништо не разбирам, оти македонската носија со која сме го натопориле европскиот мочко на ЕУ-плоштадот во Брисел е многу света, сакрална како иконостас, како икона со стара позлата. Па доколку знам во нашата меморија таа руба е света како онаа на дервишите со кои тие ги изведуваат своите спиритуални небесни кругови во нивните танци, како што е тоа впрочем случај и со македонските игроорци што го играат „тешкото“, кое го опеа со длабока мемориска страст, восхит и болка и Блаже Конески: „О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат, / штом тапан ќе грмне со подземен екот- / во градиве зошто жал лута ме стиска, / во очиве зошто навирува река / и зошто ми иде да плачам ко дете, / да превијам раце, да прекријам лик – / та гризам јас усни, стегам срце клето, / да не пуштам вик…“ итн.
Редакцискиот контекст со облекувањето на „Манекен пис“, бриселскиот мочко, со македонска носија не дека не можам да го разберам, но не е добро вглобен во замислената приказна за глувата и слепа за нашата болка и неправда Европа. Мислам дека требало да си се остави тој ЕУ-манекен со неговиот ситен и веќе во аут цивилизациски пис (фалус), далеку зад американскиот, кинескиот и рускиот. Тој европски пис (фалус) беше навистина како наследник на римскиот монументален пис долго време со столетија, почнувајќи од темпларите и крстоносците во единаесеттиот век наваму моќен и застрашувачки доминантен особено по Колумбо сè до англосаксонскиот и по него германскиот фашизам, а во него учествуваат секој со своја суровост пљачкајќи го светот и шпанските и португалските конквистадори, Холанѓаните и Белгијците, кои со нивниот крвожеден крал Леополд им ги сечеа прстите на Конгоанците да не се допрат до нивните дијаманти со кои потоа беа изградени бриселските палати за ЕУ пред кои се топори сега тој ЕУ-манекен со веќе мал и безначаен во светскиот простор на големите играчи пис (фалус на латински за да нема забуна).
Тука застануваме, драг читателу. Бескрајна е темата за вавилонската ороспија за која нешто многу кажавме не само јас и ти туку и апостол Јован во неговата Апокалипса во Новиот завет. Толку. Nocturno. De profundis. Memento mori.
































