Отворен фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“
Пред свеченото отворање на 56. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“, на отворената сцена на платото пред Офицерскиот дом во Битола, како и секоја година, претходеше дефилето на фолклорни групи и друштва од државата и светот низ Широк сокак во Битола. Фестивалот е формиран пред повеќе од половина век како културно ехо на манифестот од 1903 година, како смотра на фолклорот во националните граници. Фестивалот „Илинденски денови“, вдахновен од верскиот празник Свети Илија, посветен на народната култура, на традицијата, организиран во чест на големиот Илинден, и оваа година ќе ја потврди и продолжи својата света мисија преку фестивалската програма, во која се вклучени над 1.300 уметници. „Илинденски денови“ веќе 56 години се културна екстраваганција на народите и обичаите, која ги прикажува убавината и богатството на народните традиции од целиот свет. И годинава има богата фестивалска програма, со настап на 34 фолклорни групи и ансамбли од Македонија, САД, Венецуела, Порторико, Кина, Грузија, Холандија, Унгарија, Словачка, Грција и Шведска и за првпат од Швајцарија, кои ќе настапат на многу локации низ градот, претворајќи ја Битола во отворена сцена. Две недели Битола живее во ритамот на фолклорот, традицијата, играта, песната, филмот, едукацијата. Градот и организаторот на фестивалот ги пречекаа гостите од земјава и светот на најдолгите „Илинденски денови“, фестивал што со право годинава го има мотото односно темата „Точка на поврзување“.
На свечената церемонија фестивалот за отворен го прогласи потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која рече дека фестивалот претставува вистински простор за промоција на културното наследство во сите појавни форми.
– „Илинденски денови“ е извонредно важен фестивал со мисија и визија за културен натпревар меѓу народите, што како принцип во аманет ни го остави најголемиот македонски син Гоце Делчев. Од оваа вечер Битола ќе биде точката на поврзување на уметници од сите светски меридијани, центар на светот во кој се зборува на универзалниот јазик на музиката, песните, танците и ората. А, фестивалот презентира автохтон македонски фолклор, со звуците на зурлите и тапаните, кавалите и гајдите, клавирите и чаршиите, во единствениот седумосмински такт, кој е оригинална македонска особеност, презентирајќи ги македонските неповторливи ора – рече таа.
Во име на домаќинот, Општина Битола, се обрати градоначалникот Тони Коњановски.
– Ме радува визуелниот идентитет на 56. издание, каде што фокусот е на македонската народна носија, интернационалната носија и глуварчето како централен симбол. Како што беше кажано, неговите семиња, кои патуваат со ветерот, ја симболизираат идејата за движење, размена и поврзување, исто како што и овој фестивал ги поврзува културите, традициите и луѓето од сите страни на светот.
Вкупно 77 настани со над 1.300 учесници во претпрограмата и официјалната програма со петте фестивалски вечери, како и седум концерти на македонски уметници. Со ова Битола повторно станува центар на домашниот и светскиот фолклор, простор за дијалог меѓу културите, за научната мисла, креативноста и негувањето на традицијата, која го добива своето заслужено место и е водилка на овој фестивал, промотор на македонската традиција – рече градоначалникот.
Директорот на НУУБ Центар за култура, Сашо Илковски, рече дека повеќе од половина век „Илинденски денови“ е местото каде што традицијата не е спомен од минатото туку е жива вредност, вредност што се пее, се игра, се раскажува и се пренесува од генерација на генерација.
Во Битола има гости од осум странски земји, еден ансамбл на македонските иселеници од Шведска, 23 ансамбли од Македонија. Сите ќе си заминат од тука носејќи со себе дел од нашата традиција, гостопримство и нашата љубов кон традицијата. Оваа година идентитет на фестивалот е глуварчето.
Тони Гламчевски
































