Неодамна во Пекинг беше објавена научната монографија „Теорија на писмото: типови, структура и промена“ од Игор Радев, која веројатно претставува прво дело од македонски автор напишано на кинески јазик и издадено во Кина. Изданието на над 350 страници е објавено од страна на реномираната издавачка куќа за научна литература „Чжонгхуа шуџју“ и е поддржано од програмата за издаваштво на Центарот за меѓународна јазична соработка при Министерството за образование на НР Кина.
Во книгата е понуден нов концептуален апарат за разбирање на феноменот на писмото, кој се базира врз реинтепретација на аристотелијанската теорија на четирите причини, а како резултат е изложен и повеќепараметарски модел за класификација на писмата. Воедно е развиена и теоретска рамка, со чија помош се објаснуваат типолошките својства на разните видови писма и нивната еволуција преку постулирање динамична спрега помеѓу т.н. „економичност на восприемање“ и „економичност на продукција“ на писмото во сооднос со морфолошките и фонолошките особини на кодираниот јазик. Особено внимание му е посветено на прашањето на структурата од формален и функционален аспект на пишаните знаци кај писмата од различен тип.
При тестирањето на хипотезите што се содржат во монографијата е обработен обемен материјал од компаративна природа, со посебен фокус на: примери кога едно писмо преминува јазични граници, како што е случај со кинеското писмо при неговата адаптација за бележење на корејскиот и јапонскиот јазик; одразувањето на морфолошките и фонолошките промени на одреден јазик врз правописот, со подробен осврт во овој контекст на историјата на грчкиот и англискиот јазик; случаи кога нови писма се создавани од страна на необразовани односно самоуки лица, како што се писмата бамум и ваи од Западна Африка, писмото на Чeроките од Северна Америка, или т.н. писмо на Каролинските Острови од Пацификот итн.