Дебитантскиот филмски проект „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги Унковски доби поддршка од паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“. Филмот е избран во конкуренција со 76 европски проекти и е поддржан со 160.000 евра. Од Македонија, како мнозински копродуцент, продукцијата ја потпишуваат „Синема футура“, „Сектор филм“ и „Протим видео продукција“, а проектот ќе се работи во копродукција со „Алтер висион“ од Чешка и „Бекрум продакшн“ и „Баш челик“ од Србија. Турскиот ТВ-канал ТРТ исто така е заинтересиран и веќе најави финансиско учество во овој проект.
– Станува збор за поддршка од најпрестижниот филмски фонд основан од Советот на Европа и поради тоа успехот е толку значаен. Овие 14 проекти во изминатиов период добиле вкупна финансиска поддршка од 2,25 милиони евра, што доволно јасно зборува за квалитетот на македонската кинематографија и на македонските филмски работници. Кон ова ќе додадам дека завршените проекти веќе станаа и дел од најпрестижните филмски фестивали во светот. Мене особено задоволство ми причинува и фактот што „Еуримаж“ препозна и проекти на нашите млади автори, генерациите што очекуваме допрва да ги освојуваат фестивалите и салите во светот – вели Тања Ќурчинска-Пепељугоска, македонскиот национален претставник во „Еуримаж“.