Со заминувањето на Брендан Роџерс од Лестер и на Греам Потер од Челси, сезонава има 13 заминувања на тренери од клубови. „Тоа, всушност, е ужасна бројка, но така е како што е. Има очекувања, со право, и ако не ги постигнете, мора да ги прифатите одлуките“, рече Клоп. Претходниот најголем број отпуштања во една сезона беше 10 во четири сезони

ФУДБАЛ

Тренерите во англиската фудбалска Премиер-лига ги губат своите работни места со побрзо темпо од кога било и тоа го прави Јирген Клоп да се чувствува непријатно, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Со заминувањето на Брендан Роџерс од Лестер и на Греам Потер од Челси, сезонава има 13 заминувања на тренери од клубови, што е рекорд за лигата. Дванаесет тренери од тие 13 беа отпуштени, исто така, рекорд, со тоа што само Брајтон го замени тренерот, затоа што Потер замина во Челси во септември лани, пишува АП.
Претходниот најголем број отпуштања на тренери во една сезона во Премиер-лигата беше 10, во четири сезони, според податоците на компанијата за изготвување статистика „Опта“.
– Тоа, всушност, е ужасна бројка, но така е како што е. Секогаш имате години во кои тоа се случува почесто од другите. Особено кога сте во трка за опстанок, сите знаеме колку значи тоа од финансиска гледна точка за клубовите. И можеш да кажеш слични работи за тоа ако си во Лигата на шампионите или не. Има очекувања, со право, и ако не ги постигнете, мора да ги прифатите одлуките – рече Клоп, кој, исто така, истакна дека Баерн неодамна го смени тренерот во Германија, пишува АП.
Клоп е актуелниот менаџер со најдолг стаж во Премиер-лигата, кој е во Ливерпул од октомври 2015 година, а тој минува низ еден од најтешките периоди во клубот.
Неодамна Ливерпул загуби од Манчестер сити на гости со 1-4, во натпревар што Клоп го опиша како „неприфатлив“. Тоа го остави Ливерпул на осмото место на табелата во Премиер-лигата, со осум бода помалку од тимовите што се на места на табелата што обезбедуваат пласман во Лигата на шампионите.
– Свесен сум дека седам тука поради минатото, а не поради тоа што го направивме сезонава. Ако ова беше мојата прва сезона, ќе беше малку поинаку. Да, имаме паметни сопственици што знаат за ситуацијата. Подобро прашајте ги зошто е тоа така – рече Клоп. Н.М.