Книгоиздателството „Феникс“ ја издаде од печат новата драмска пиеса во стих во 18 сцени со пролог и епилог чиј автор е македонскиот поет и драматург, битолчанецот Зоран Пејковски. Драмскиот текст во стихови е посветен на долгогодишната мистерија околу смртта на македонскиот легендарен поет и револуционер Коста Рацин, кој еден од рецензентите, академик Јордан Плевнеш, го оценува како постмодерна слика на целокупната космогонија во која низ четири драмски единства се одвива структурата на митскиот лик на Рацин.
– Оваа драма во стихови подигнува еден, во исто време виртуелен и реален постмодерен монумент на бесмртниот Кочо Рацин, токму низ сите групни портрети, прогласувајќи ја вечна неговата безвремена имагинација, која звучи како да била напишана во времето на св. Климент и св. Наум, учениците на св. Кирил и Методиј, кои ја отвориле колосалната платформа наречена цивилизација на љубовта – посочува рецензентот Плевнеш.
Драмскиот текст во стих „Реквием за смртта“ е пишуван по шестгодишно истражување на авторот Пејковски, а по повод 75 години од убиството на Коста Солев Рацин и 110 години од неговото раѓање.