Фото: Маја Јаневска-Илиева

Илија Пенушлиски, сликар

Би ни биле потребни страници од вашиот весник да проговориме за мувлосаните квазидепоа, за ремек-делата што плачат за итна конзервација, за „дискретното, барско“ осветлување што стана заштитен бренд на изложбените простори во Македонија, укажува Илија Пенушлиски, кој од 1971 година има статус на слободен уметник

Познат како сликар што нагласува дека „за да се има изложба треба да се има и повод“, деновиве во галеријата „Акантус“ презентиравте 39 дигитални графики на изложбата насловена „Градот“. Дали користењето, првпат, на оваа технологија ви беше доволен повод за да ги претставите новосоздадените дела со вашата омилена тема, град?
– Отсекогаш сум мислел дека изложба треба да се прави само тогаш кога сликарот заталкал во нови, за него, недоволно истражени територии и, се разбира, се вратил задоволен од тоа патување. Графиките во галеријата „Акантус“ се една таква повеќегодишна авантура. Тие се резултат на мојата љубопитност, сакав да ги истражам новините што ги нудат модерните технологии и разликите со класичните графички вештини. Нескромно ќе кажам дека сум позитивно изненаден од резултатот.

Што можете да доловите со дигиталните графики од магијата на градовите, а не успевате со насликаните масла на платно, и обратно?
– Ликовниот арсенал на графичките техники и оној на сликарските техники не можат и не смеат да се споредуваат. Изборот на една техника и посебноста на нејзините алатки може да отвори за авторот нови ракурси на познати хоризонти. Специфичноста на секоја техника мора да се почитува. Во спротивно ќе бидете сведок на една апсурдна, дури и комична ситуација: темпера глуми акварел, маслото се трка со акриликот, дрворезот им завидува на литографијата, бакрописот… Несомнено, современите технологии отворија нови многубројни графички можности, а мајсторијата е да ги препознаете оние што не можете да ги најдете во другите графички техники. Но, внимателно, тие поседуваат и опасно заводлив шарм. Ако му подлегнете, брзо ќе ве одведат во ќор-сокакот на апсурдот за кој зборував.

Во 2011 година кога изложувавте во галеријата „Око“ укажавте на потребата од квалитетни изложбени простори. Бевте задоволен од тој простор, но и таа галерија веќе не постои. Ви побарал ли досега некој од надлежните совет за тоа што треба да се прави за подостоинствена презентација на уметничките дела во галериите во државава?
– Мора да се шегувате? Кога во сегашнава држава се водело сметка за „достоинствена“ презентација на ликовната уметност? Еве, куќата на Лазар Личеноски, несудена галерија, која сега е во сопственост на државата, се распаѓа на педесетина метри од Владата. Наместо распаметени од сликарството на Никола Мартиноски, од галеријата во Крушево ќе излезете столчени од примитивизмот на сопствената средина. Би ни биле потребни страници од вашиот весник да проговориме за мувлосаните квазидепоа, за ремек-делата што плачат за итна конзервација, за „дискретното, барско“ осветлување што стана заштитен бренд на изложбените простори во Македонија.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Правејќи споредби со минатите децении, како би ја оцениле сегашната презентација на ликовното творештво од земјава во странство? До каде сме на овој план, ги користиме ли веќе воспоставените контакти со институции, уметници, галеристи од светот?
– Кога ќе ги видите ретките изложби што државните институции ги организираат во странство посакувате да не се случиле. Тие изложби многу повеќе говорат за нашиот чудесен талент за импровизација, отколку за ликовната уметност во Македонија. Никако да ја разбереме елементарната поука – националната култура е златниот клуч што отвора врати кон светот.

Во време на притисок од дигитализирани средства за комуникација успевате ли да си го зачувате мирот во творечката оаза во родното Скопје каде што и живеете, но и комуникацијата очи во очи со колегите уметници и со пријателите воопшто. Што, можеби, ви недостига на тој план?
– Немам ајфон, немам Фејсбук, не сурфам. Секојдневната работа, сликањето, е совршена одбранбена фортификација. Понекогаш „си недостигам на самиот себе“ (Фелини). Ми недостига и здравата комуникација со пријателите од времето кога не се живееше во грч како денес.