Светот е хармоничен, божествен, космички ритам на ден и ноќ, темнина и светлина, раѓање и смрт. Целата природа функционира на ритмичко-хармонични пулсирања. Смени и промени, годишни времиња. Прво што детето го слуша е срцето во утробата на својата мајка. Брама го создаде светот кога ритмички вдишуваше и издишуваше. Токму во тој ритам постои целата природа. Која е суштината на божествената природа е една од вечните тајни за кои не можеме да говориме, но можеме да ја почувствуваме кога целосно ќе ѝ се препуштиме во интуитивно уметничко креирање.
Од каде оваа неприродна тишина на времето во кое сведочиме? Дали се работи за бурата на времето во кое ние мораме да го најдеме ритамот на смиреноста? Бурата сега се случува во највисоките блесоци на умот.
Оваа по малку романтична апокалипса пред која стоиме сега ја содржи тајната на индивидуалната и колективната преобразба. Работите дојдоа до највисоката точка на усвитената маса, од каде што нема враќање. Дојде времето на жетвата, дојде времето да го живееме точно она што го посеавме. Колку експлозијата ќе биде пожестока, толку на злото ќе му биде потешко. Така што оние што ќе преживеат, оние со висока свест ќе ја населат онаа т.н. „супернова“, која Славенски своевремено толку добро ја издраматизира и ни порача пред да замине да живееме во светлината, затоа што таа е нашиот спас.
Некои нема да го издржат притисокот. Очигледно е дека тие пукнаа веднаш. Тоа се оние што нема да научат да пливаат во повисоките нивоа на свесноста. Сега единствено со свесноста ќе можеме да го спасиме времето во вечноста. Истото тоа важи и за оние што ја запознаа планетата од темната страна на месечината и сведочат за дионизискиот принцип и нивната дефинитивна преобразба во светлината. Живееме во годините на апокалипсата, но и на преобразбата на темната материја чии следбеници се носители на најкрупните монархистички магнати што го угнетуваа човештвото со само себеси својствени суптилни методи.
Така, тие несвесно ги преплавија своите робови со неправда, зло и угнетување, а за резултат добиваме колективна свест што молскавично сѐ повеќе расте во секоја секунда. Ова се револуционерните години на големата преобразба. Дојдовме до онаа точка на владеењето на космичката законитост кога злото стои пред две клучни точки, тоа веќе ни го кажа и Вајнингер во „Границите на моралот“: прво е нужноста од преобразбата од зло во светлина или втората варијанта, кога злото на Стариот Диониз дефинитивно треба да исчезне.
Сега треба да научиме една многу тешка лекција во светот, кој кулминира и е на работ да пропадне. Затоа сега од пресудно значење е човекот да не остане во плитките води на свесноста, на дното на понорот на точката каде што врз него ќе се струполи вулканската лавина на апокалипсата.
Мимоза Рајл