Вие ни јавувате

По повод 20 Ноември, Светскиот ден на детето, установен од УНИЦЕФ, дванаесет второодделенци од ООУ „Лазо Трповски“ во Скопје – Магдалена Ќурчинска, Андреа Славковска, Ирис Граоркоска, Петрит Адеми, Нора Муфтарова, Јован Симовски, Павел Арсовски, Илина Наумоска, Николај Пигуловиќ, Антонио Ѓорѓевиќ, Давор Гавриловски и Михаил Атанасовски – предводени од одделенската наставничка Ирена Грегориќ и предметниот наставник Стефан Симовски, со свои ликовни творби учествуваа на 26. Меѓународен ликовен натпревар „Пријатели на мирот 2023“ во Васек, Њујорк, САД.
Годинава со свои ликовни творби на овој меѓународен натпревар учествуваа 4.500 деца од 76 земји. Темата на годинашниот ликовен натпревар. кој традиционално се одржува во Њујорк. беше „Единство“. ООУ „Лазо Трповски“ третпат едноподруго учествува на овој реномиран натпревар.
Целта на овој глобален проект. кој изминативе 26 години се реализира под покровителство на УНИЦЕФ. е поттикнување на свеста кај децата низ светот на возраст од пет до шеснаесет години за креативно изразување. Оваа меѓународна програма има цел да ги охрабри децата преку креативни активности да бидат посветени кон промовирање на мирот и создавање иднина во која ќе владеат хармонија и меѓусебно разбирање.
Ликовните творби и на учесниците од ООУ „Лазо Трповски“, според првичните (не)официјални информации, ќе бидат изложени на светската изложба што е предвидена за следната година непосредно пред почетокот на Летните олимписки игри во Париз, Франција.

Стефан Симовски,
наставник по германски јазик
во ООУ „Лазо Трповски“ – Скопје