Меѓународна соработка

Студиото за танц „МАК“ од Куманово изминатиот викенд учествуваше на меѓународниот натпревар „Мастер денс Лукец“ во Брежице, Словенија, кој се одржа од 10 до 12 февруари. Учествуваа осум држави од Европа со 2.000 танчари во 450 кореографии.
– Нашето студио се натпреваруваше со шест кореографии, соло деца модерен танц, соло опен категорија деца, формација модерен танц деца, мала група модерен танц деца, формација урбан јуниори и мала група модерен танц возрасни со вкупно 48 танчари. Освоивме три златни сертификати, едно елитно сребро и два сребрени сертификати. Две наши кореографии беа прогласени за најдобри меѓу 12 кореографии на целиот фестивал. Задоволни сме од резултатите што ги постигнавме на овој престижен натпревар во Словенија. Научивме многу нови танцови техники посетувајќи шест семинари, кои ги организираа организаторите на „Мастер денс Лукец“ – вели кореографката Мерлин Стојановска, која беше и во улога на судија на натпреварот.
Таа упати голема благодарност до родителите за поддршката за време на патувањето и натпреварувањето, како и до компаниите што го покрија учеството на натпреварот.
– Нашето студио оваа година планира да оди на уште неколку меѓународни натпревари и фестивали, за кои допрва ќе зборуваме. Сега на ред е меѓународен фестивал во Пожега, Р Хрватска, Плесоказ, европско првенство во модерни и латинотанци во Осиек, Р Хрватска, и меѓународен фестивал на Здружението на словенските танцови педагози во Опатија, Р Хрватска. За овие натпревари се подготвуваме со истакнати кореографи од Балканот. Во меѓувреме се подготвуваме за 11-то издание на „Денс фест Куманово“, кое ќе се одржи во април годинава, со настап на гости од земјава и од соседните држави – дополни Мерлин Стојановска.