Хумана страница

Сите сме заедно, сите сме исти на различен начин, беше пораката што ја испратија многубројните учесници на инклузивниот настан „Играме заедно“, кој во неделата од 11 до 14 часот се одржа во Градскиот парк во Скопје, на летната сцена „Школка“.
Целта на организаторите, граѓанското здружение „Аутизам ААМК“ и „Колектив Ветерница“, беше зголемување на свесноста за лицата со атипичен развој, како и за нивно прифаќање, почитување и инклузија во општеството.

– Добре дојдовте на третиот по ред инклузивен настан „Играме заедно“. Сакаме да докажеме дека децата сакаат да растат и да играат заедно. Општеството мора да има слух за потребите на семејствата што живеат со некоја атипичност. Затоа, ајде да бидеме гласни и да играме сите заедно во нашата голема игротека под ведро небо. Имате голем избор, можете да играте: човеку, не лути се, домино, кугларница, да местите Рубикова коцка, фудбал, фризби, икс-нула, да бидете дел од музичко или ликовно катче… – со овие зборови ги поздрави присутните Марко Новески, популарниот телевизиски водител.

А на сцената видовме и слушнавме голем број учесници. Први настапија дечињата од градинката „Светот на Колорес“, која секојдневно ја докажува својата хуманост со разни активности, Марија Савеска нѐ поздрави со песна на „Суперхикс“, Дени отпеа песна што за неа ја напиша нејзината наставничка по музичко Сузана Турунџиева, поетесата Искра Донева кажа своја песна, а настапија и ученици од училиште за слабовидни и деца со оштетен слух, детскиот хор на пионерскиот дом „Карпош“ и многу други.

Според Денис Јанкуловски од здружението на граѓани „Аутизам ААМК“, една од причините за реализирање на проектот „Играме заедно“ е и желбата децата да ѝ се вратат на играта во нашето општество. А токму преку неа тие најлесно се зближуваат.
– Овој настан е трет од ваков вид, па иако претходните ги организиравме во април, во рамките на одбележувањето на Месецот на аутизмот, овој пат сакаме да докажеме дека април може да биде секој месец. Наша цел е сите деца да имаат право да растат, да учат, да играат заедно. Тие одлично функционираат бидејќи гледаат со срцето, а не со очите, а ние возрасните треба да ги насочуваме да ги прифаќаат различностите од најмала возраст. Сакаме на овој настан во јавноста да ја потенцираме и важноста на личните асистенти, кои се многу значајни за децата со попреченост и нивниот развој. Инаку, сѐ што се случува тука е на волонтерска основа. Ангажирани се 200 хумани луѓе и 50 фирми, кои постојано ни се јавуваа со желба да помогнат. Токму затоа вакви настани треба да се организираат и во иднина – вели Јанкуловски.

А сликата што можеа да ја видат сите што во неделата претпладне беа во скопскиот градски парк беа многу насмеани лица, детски џагор, среќни родители и организатори.
– Преку игра сакаме да им покажеме на семејствата со типичен развој дека треба да ги надминат своите стравови што се резултат само на страв од непознатото и да се обидат да се запознаат со атипичните лица и со нивните семејства, да дознаат за самата болест или состојба, да најдат начин на кој би им помогнале. но за да е можно сето тоа, пред сѐ овие лица треба да бидат прифатени токму онакви какви што се. По овој прв но голем чекор, на сите семејства ќе им биде многу полесно, затоа што заедно ќе се движиме низ секојдневието и ќе градиме здраво инклузивно општество – порачаа организаторите на манифестацијата „Играме заедно“. М.Т.