ТАЛЕНТИ:

Тинејџерката Лина Боцеска, на 22. Меѓународна регата за кајак и кану на мирни води, која од 18 до 21 август се одржа во Охрид, освои прво место во четири категории: за женски кадетки, пионерки и во двосед заедно со Лидија Тантушева од истиот клуб, Стрмец, а награден беше и нивниот клупски
другар, младиот Атанасиј, кој освои второ место.
Голема заслуга за овој успех има тренерот Радован Попоски, кој на вистински начин ги поттикнува младите спортисти, членови на клубот, да дадат сѐ од себе и да постигнуваат успеси.
Регатата ја организираше нивниот матичен кајак-кану клуб Стрмец, со помош на Општина Охрид. Учествуваа клубови од Полска, Србија, Турција, Грција и од Кипар, како и македонската репрезентација на кадети и јуниори до 17 години, составена од членови на домашни клубови. Кајак-кану клубот Стрмец од Охрид е обновен во 1999 година, со што се продолжи светлата традиција на овој спорт во градот, започната уште во дамнешната 1947 година. Сега ККК Стрмец – Охрид е член на Кајакарската федерација на мирни води на Македонија.

Лина Боцеска и минатата година освои три први места на овој меѓународен натпревар, а периодов со сите членови на клубот се подготвува за државниот натпревар. Таа тренира кајак веќе четири години.
– Секој успех покрај талент бара и упорност и истрајност, секако најмногу желба. Јас тренирам секој ден од осум часот. Летно време тренинзите, разбирливо, се многу поинтензивни. Бидејќи тренираме во раните утрински часови и езерото тогаш е најмирно, тоа за нас е вистинско уживање. Иако понекогаш посакувам и да се одморам, сепак не го правам тоа и редовно одам на тренинг. Оваа обврска веќе ми стана навика, а и тренерот е упорен и бара од нас постојано да го извлечеме најдоброто од себе – ни откри Лина.
Таа ни рече и дека се чувствува прекрасно секогаш кога ќе постигне добар успех.
– Досега сум била и втора и трета, но да се биде прв секогаш е најубаво. Но и самото учество на неодамнешната меѓународна регата за мене беше посебно доживување. Победите ме мотивираат и ме поттикнуваат да продолжам да тренирам. Во клубот запознав многу деца, се дружиме, особено другарувам со Лидија Тантушева, со која освоивме две први места во двосед, к2, во aкатегоријата пионерки и кадетки. Во едносед, к1, исто така освоив две први места, во категоријата пионерки и кадетки – се пофали таа.

Ова неуморно и амбициозно девојче, кое од 1 септември ќе стане гимназијалка, освен кајакот, го сака и пливањето, се занимава и со глума, како членка на драмското студио „Цвет 75“, а пишува и песни. Овој пат за читателите на „Колибри“ ја издвои песната што им ја посвети на солунските браќа Кирил и Методиј.
Бидејќи сме на прагот на новата учебна година, Лина ни рече дека периодов ќе им се посвети на учењето и на приспособувањето во новата средина. А на крајот порача дека што и да се случи, поврзано со нејзината идна професија, но и со спортските активности, таа би сакала да живее и да работи тука, во Македонија.

М.Т.


Св. Кирил и Методиј

„Сонцето свети подеднакво за сите“

Како река потекоа
буквите на глаголицата
гласовите си најдоа место
прогледа народот…

Константин Филозоф, тој умен маж
и брат му Методиј
дојдоа од Солун
со писмо
со азбука
за Словените.

И ние имаме право
на јазик разбирлив
да читаме,
да пишуваме
и словото да го пренесеме.
Сонцето свети подеднакво за сите,
Свети Кирил така велеше,
Не само на алтински,
не само на грчки,
не само на хебрејски,
туку и на словенски
ќе ги преведеме книгите.

Од Македонија тргнаа
кај Сарацените и во Моравија.
Успешна мисија завршија.
Стигнаа во Рим
каде што бездруго
ги прифатија и признаа
зашто носеа светлост и слово,
зашто ширеа милост и љубов.

Нивните ученици
истото го продолжија
макар и прогонети што беа,
Климент и Наум во Охрид пристигнаа
и универзитет словенски
создадоа.
Го удостоија споменот
на големите браќа светители
Кирил и Методиј.

Тие сѐ уште светат како сонце
над нас, зашто донесоа светлина
за слепите,
како леб за гладните.
Со златни букви ја испишаа
историјата на Европа.

Напишала: Лина Боцеска