Објавена е-книгата „Балкански детски приказни“

ИНИЦИЈАТИВИ: КАКО ДЕЛ ОД РЕГИОНАЛНАТА МРЕЖА ЗА КУЛТУРНА РАЗНОВИДНОСТ

За да се доближат културните разлики на децата од Балканскиот Регион, здружението „Мултимедија прес“ – Прилеп неодамна ја промовира е-книгата „Балкански детски приказни“, која претставува уникатна аудиосодржина од сказни за деца и млади на македонски, турски и на албански јазик. Проектот е реализиран благодарение на регионалната мрежа за културна разновидност РЕАД (READ), со финансиска поддршка на Европската Унија.
За доближување на приказните на различните народи, содржините се преведени на сите три јазика, односно на македонски, турски и на албански. Аудиоматеријалот, по извршените промотивни активности, ќе биде достапен за бесплатно симнување, како и пдф-форматот со придружни илустрации на Филип Јовески. Проектот, освен за деца и младинци, реализиран во форма на аудиовизуелен материјал, наменет е и за наставници, едукатори, медиумски работници. Во реализацијата заедно со мене учествуваа: Елизабета Филипоска, Гордана Цветаноска, Наташа Забрчанец, Осман Фират Баш, Елена Радевска, Барбара Јариш Макрај, Дијана Свртиноска, Емилија Малезан, Ферди Булут, Наташа Ачански, Илија Волчески, Драгица Здравеска, Филип Јовески и Никола Димоски. Е-книгата е снимена во студиото на „Радио Пела“ – вели Звонко Димоски, еден од реализаторите на овој интересен едукативен проект во духот на новото време.
Димоски е лингвист, литературен преведувач и менаџер на уметнички проекти.
Во продолжение, драги деца, можете да прочитате и еден од расказите застапени во оваа книга.

Ka.M.


Бабината мома злата позлаќена

Си бил еден цар што имал син втасан за женење. За да бендиса девојче, син му од царот направил една чешма за шербет, па им кажал на градските моми да си одат кај аузот и да си леат шербет.
Се расчуло и секоја од момите отишла да леј шербет. Син му од царот седнал до аузот, гледал по момите, ама никоја не бендисал.
Еден ден дошла една баба да леј шербет, та донела сѐ што има од дома, дури полнела шербет и во некои лушпи од јајца, та и тие ги наредила наземи. Гледајќи го тоа, царевиот син се насмеал на итроштината на бабата, па фрлил со позлаќено јаболко на една од лушпите од јајцата и ја скршил. Бабата го проколнала:
– Оф, бре, синко, ај да би од јаболко невеста зело од мајка неродена.
Царот гледал од дворецот, се налутил оти со позлаќено јаболко не фрлил на ниедна мома, ами на лушпата од јајцето и ја расипал чешмата, чунки узнал царот оти не бендисал ниедна мома и му дал пари да тргни по царевата земја и да бендиса некоја девојка и да се жени.

По сите градови помина и нигде не бендиса девојка, та беше му кажал некој човек да оди кај сонцето и таму ќе најдел девојка каква што сакал. Си обул железни опинци и ја оправил кај сонцето. Одел, одел и една квечерина стасал кај сонцето и на порта истрчала мајката на сонцето. Се поздравила со него и му рекла оти на зајдисонце син му идел гладен и жеден и дека ќе го шмркнел сиот.
За да му помогни на царевиот син, оти тој ја молел, го сторила една игла и го закачила зад вратата да не го види сонцето.
Дошло сонцето дома и мајка му брго-брго му ставила вечера – една каца полна со симиди, попара со млеко и една каца со вода. Се изнајало сонцето и се раатисало, арно ама му смирисало на туѓ човек. Се таксало сонцето, ништо не му чини, па мајката ја откачила иглата од зад врата, ја дувнала и се сторило момчето пак човек.
Откако се поздравил со сонцето, го прашало сонцето зашто се мачел на толку далечен пат. Царевиот син му раскажал за чешмата со шербетот и дека старицата го проколнала да земе девојка од мајка неродена. Откако го ислуша, си рекло сонцето оти зет ќе му биди, та му рече да оди кај бавчата и да земе едно позлаќено јаболко, да го пресечи дома јаболкото и однатре ќе излези една девојка од мајка неродена, која ќе му посака леб и сол, и после ќе биде за век негова невеста, а за него сестра. Отиде момчето в бавча и скина три јаболка позлаќени, си ги кладе в пазува и се упати на долната земја да си оди дома.

Одеше што одеше, и до некое место му текна, та извади едно јаболко од пазува, го пресече и веднаш од него излегла една убава и красна мома, со рака човечка нефатена, и му посакала леб и сол. Арно ама, тој немал леб и сол да ѝ даде и си отишла девојката од кај што дошла. Поодило уште троа пат и го извадило и другото јаболко од пазувата, го пресекло, та беше излегла девојка уште поубава од првата и немајќи сол и леб, и неа ја снемало.
Кога се приближил до градот, го пресекол и третото јаболко и излегла најубавата девојка, ѝ дал леб и сол, ја фатил за рака, а таа му таксала дека ќе му биде верна домаќинка за века.
Се собрале сватови од цело царство, направиле свадба и некој не знаел дека невестата е сончевата сестра.

Извор: „Дете ѕвездалија“
(народни приказни од Македонија), ред. Ели Милошеска