Во Струмица
Неодамна во просториите на струмичката библиотека „Благој Јанков-Мучето“ се одржа промоција на новата книга за деца од македонската писателка Ксенија Маказлиева Трајчева. Пред публиката, во родниот град на авторката, книгата ја претставија проф. д-р Ана Витанова Рингачева и м-р Сузана Мицева.
Станува збор за збирка раскази за деца на раноучилишна возраст, со интерактивен пристап и во согласност со наставната програма, опфаќајќи ги општествените теми од секојдневното опкружување на современото дете.

Според рецензентката проф. д-р Ана Витанова Рингачева, авторката Маказлиева Трајчева внимава текстот да не се претвори во сурова дидактика и со тоа да го одврати читателот.
– Шаренило од мотиви, ликови, но и вредносни критериуми што се исчитуваат низ пoстапките на ликовите. Расказите целосно ја исполнуваат едукативната компонента, што неминовно треба да ја содржи текст наменет за децата како читатели – пишува Витанова Рингачева.
Расказите се поделени во два дела – во првиот дел авторката нѐ запознава со девојчето Мина, нејзиното семејство, другарите од училиште и пошироко опкружување раскажувајќи за секојдневните предизвици, желби и радости со кои расте едно дете. Во вториот дел, насловен „Омилените приказни на Мина“, се поставени кратки раскази, независни еден од друг, во кои се задржува интерактивниот пристап и бара од детето да биде активен учесник во дејството.

Во рецензијата на писателот Ванчо Полазаревски се вели дека ситуациите низ кои нѐ води авторката се автентични до самата своја срж.
– Тоа е она наше секојдневие, исполнето со разни настани, на часови, одење на музичко, аудиции, домашни надмудрувања, игри на улица, заеднички ручеци, пишувањето домашни задачи. Сите овие настани, вешто ги следат илустраторките, кои на текстот му ја додаваат сликата, како инфузија со која помладите читатели ќе се внесат уште подлабоко во животот на јунаците од оваа книга – подвлекува Полазаревски.
Книгата е илустрирана од тимот етаблирани македонски илустраторки Боркица Арсевска, Тања Вукобрат, Сузана Томовска, Александра Хаџи Наумова Атанасовска и Кристина Малинческа Чавкоска. Издавач е „Просветно дело“ од Скопје.
Во рамките на промоцијата беше промовирано и второто издание на книгата „Спирко Немирко“, прва книга на авторката, објавена пред 12 години. Ф.Д.


































