На 15 ноември свечено беше пуштен во употреба реновираниот оддел за литература за деца во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Наедно беше одбележана 78-годишнината од постоењето на библиотеката.
Одделението е модерно уредено со елементи, книги и содржини што ќе ја поттикнат детската желба за читање и за креација, а е наменето за читатели од предучилишна и училишна возраст, односно за деца до 14 години. Библиотеката за следната година предвидува отворање катче со специјални изданија на Брајово писмо за слепи и слабовидни, како и изданија приспособени за деца и лица со дислексија. Одделот за литература за деца во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје располага со фонд од над 20.000 книги.
Инаку, Одделението за литература за деца во централниот објект постои од 1974 година. Новиот и современ изглед е архитектонското решение на Александра Лазаревска и ги следи потребите и читачките навики на денешните деца, но и актуелните текови во библиотечното работење.

– На реновирањето работевме цела година, буквално уривавме ѕидови за да стигнеме до простор каде што децата со радост ќе ги создаваат своите читачки навики. Верувам дека тука младите ќе најдат не само лектири туку и слободна литература и мултимедијални изданија. Во Македонија има експанзија на литература за деца и за млади, па веруваме дека многу од тие наслови ќе бидат претставени токму тука. Одделот ќе работи според месечна програма, која предвидува работилници, промоции, средби со автори и со илустратори. Добивме голема донација на книги од неколку издавачи, но ќе треба време за да се обнови целиот фонд – истакна Снежана Стојчевска, директорка на библиотеката.
На отворањето присуствуваа и преставници на Град Скопје.
Свеченост започна со детската претстава „Доживувањата на Куферко“ на „Артленд“ и „Бејбиарт продукција“, која ја погледнаа деца од предучилишна возраст, а заврши со доделување благодарници за долгогодишната посветена работа на пензионираните библиотекари.
Живко Поповски-Цветин по повод роденденот на библиотеката даруваше цветна порака.

М.Т.