Во основното училиште „Кузман Јосифоски Питу“ од Кичево, од почетокот на следната учебна година ќе почне со работа дневен престој за учениците од прво до петто одделение. Училиштето ќе располага со модерен и функционален мебел во согласност со потребите на најмалите ученици, безброј едукативни игри и материјали, паметни ТВ со едукативни софтвери и телевизиски канали.
– За првпат во нашето училиште од почетокот на наредната учебна година ќе почне со работа и дневен престој за ученици од прво до петто одделение. Истиот тој ќе работи од 7.30 до 17 часот, а во него ќе бидат ангажирани двајца одделенски раководители, ќе се протега на површина од 70 квадратни метри, со што во целост ќе ги задоволи потребите на учениците што ќе бидат запишани. Во дневниот престој ќе бидат згрижени околу 40 ученици. Со неговото отворање сметаме дека интересот за посетување настава во нашето училиште ќе биде зголемен, а на родителите чии деца ќе бидат примени во центарот ќе им се олесни работата бидејќи грижата за нивниот престој во еден подолг период од денот ќе ја имаат вработените во училиштето. Инаку, сѐ уште официјално не е соопштена цената за престој, но, според нашите сознанија, истата таа ќе биде симболична и нема во голема мера да го оптоварува домашниот буџет – истакна Ирина Стојаноска, директорка на ООУ „К.Ј.Питу“ од Кичево.

текст и фото: Зоран Антоски