На 7 и 8 октомври во Прилеп по 23-ти пат ќе ечи песна

На 7 и 8 октомври во салата на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, со почеток во 19 часот, по 23-ти пат ќе се одржи интернационалниот детски музички фестивал „Ѕвездички 2023“. Годинава ќе учествуваат 22 млади талентирани пејачи од Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија, Казахстан, Бугарија, Унгарија, Шведска, Босна и Херцеговина, Маврициус… Ова е единствен фестивал за деца во земјава член на ВАФ (светска асоцијација на фестивали).
Најдобрите учесници на фестивалот од Македонија официјално ќе ја претставуваат земјата на најголемите музички манифестации низ светот. Веруваме дека ќе имаат успех, како и досегашните наши учесници, од кои многумина се вратија со награди. Голем број наши учесници на фестивалот „Ѕвездички“ биле македонски претставници на „Детска евровизија“.

Според директорот Марјан Катароски, фестивалот „Ѕвездички“ прерасна во вистински бренд во Македонија, кој низ годините донесе многу хитови, а освен тоа е креатор на детската музичка сцена во земјава.
– Со „Ѕвездички“ постигнавме голем успех, внесувајќи ја Македонија во големото светско фестивалско семејство – додава Катароски.
Во изминатите години на фестивалот учествувале околу 3.000 учесници од речиси сите континенти и земји од светот – Аргентина, Франција, Германија, Малта, Италија, Русија, Украина, Литванија, Летонија, Естонија, Египет, Сирија, Израел, Грузија, Белорусија, Полска, Унгарија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Романија, Молдавија, Холандија, Финска, Турција, Албанија, Либан, Кина, Казахстан…
Освен настапот, учесниците ќе можат да ги видат и знаменитостите на Прилеп, да другаруваат и создаваат нови пријателства и, секако, да добијат убави подароци од спонзорите.
А како и досега, сите ќе си заминат дома со денешниот примерок од весникот „Нова Македонија“, бидејќи традиционално, на страниците на „Колибри“, ви ги претставуваме сите годинашни учесниците на фестивалот „Ѕвездички 2023“.

Ка.М.