Bozinovska
Фото: МЕРМС

Гасификацијата, интерконекторите, батериските системи, обновливите извори, енергетската ефикасност и модернизацијата на мрежата се меѓу приоритетите на земјата

Македонија влегува во нов инвестициски циклус во енергетиката, со можности за странски компании во изградба и модернизација на инфраструктурата, складирање енергија, обновливи извори и регионално енергетско поврзување, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Божиновска денеска се обрати на Македонско-австрискиот бизнис-форум за патна и енергетска инфраструктура, организиран во Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Трговското одделение при Австриската амбасада – Advantage Austria.

Пред претставници на австриски компании, македонскиот бизнис-сектор и институциите, министерката ги претстави стратешките приоритети во енергетиката, како и тековните и планираните проекти.

 – Нашата цел не е само да имаме повеќе производство од обновливи извори. Нашата цел е да изградиме модерен енергетски систем кој може сигурно да ја прими, складира, пренесе и искористи таа енергија. За тоа ни се потребни инвестиции, технологии, инженерско знаење и силни меѓународни партнери – истакна Божиновска.

Bozinovska
Фото: МЕРМС

Како клучен дел од новиот инвестициски циклус таа ја посочи модернизацијата и проширувањето на енергетската инфраструктура, со посебен акцент на складирањето енергија. Според неа, батериските системи се особено значајни за енергетски систем во кој расте уделот на сончевата и ветерната енергија.

Меѓу приоритетите се и инвестициите во преносната мрежа, нејзината дигитализација, зголемувањето на капацитетите за приклучување и развојот на регионалните интерконекции.

Божиновска посочи дека Македонија продолжува и со гасификацијата и развојот на регионалната гасна инфраструктура, при што особено значење има интерконекторот со Грција и поврзувањето со Србија.

 – Македонија работи на тоа да бидеме дел од европската енергетска инфраструктура – порача министерката.

Според неа, приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор ќе отвори дополнителни можности за регионална интеграција и диверзификација на снабдувањето, но и простор за компании со технологија и експертиза во гасната инфраструктура.

Во фокусот на Министерството се и енергетската ефикасност, енергетската обнова на јавните објекти, електромобилноста, инфраструктурата за полнење и паметните енергетски решенија.

Божиновска истакна дека интересот за австриските компании произлегува од долгогодишната економска соработка меѓу двете земји, но и од нивното искуство во области кои се дел од македонските енергетски приоритети – хидроенергетика, енергетска ефикасност, електромобилност, дигитализација, инженеринг и инфраструктура.

 – Австрија има компании, технологии и искуство што нам ни се потребни. Ние имаме пазар што се трансформира, конкретни проекти и значаен инвестициски потенцијал. Верувам дека комбинацијата на овие две нешта може да создаде нови партнерства –  истакна Божиновска.

Министерката се осврна и на новиот Закон за енергетика, со кој, како што посочи, е воведено системско планирање на новите енергетски објекти преку годишни планови. Целта е инвеститорите да имаат поголема предвидливост, а државата навреме да ги планира потребната мрежа, складирањето и останатата инфраструктура.

 – За нас предвидливоста е една од најважните форми на сигурност за инвеститорите. Инвеститорот треба да знае кои се правилата, кои се условите, какви се инфраструктурните можности и како се движи постапката – нагласи министерката.

Таа додаде дека Министерството продолжува со усогласување на законодавството со европската регулатива и со интеграција на македонскиот енергетски пазар со европскиот.

Бизнис-форумот во Скопје е продолжение на официјалната посета на Австрија во април годинава, кога владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, во која беше и Божиновска, разговараше со австриски институции и претставници на деловната заедница.

Денешната бизнис-мисија е насочена кон директно поврзување на австриските компании со македонските институции и бизнис-секторот. Во Скопје престојуваат австриски компании заинтересирани за конкретни можности на македонскиот пазар.