Фото: Игор Бансколиев

Крајно лицемерно е што политичките претставници на Албанците не се загрижени што со уставните измени целосно се загрозуваат идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ, но од друга страна се навредени од формулацијата „20 отсто“ во Уставот, со која прецизно се дефинира каде може да се употребува албанскиот јазик како втор официјален јазик во државата

Кога надворешниот притисок за уставни измени не е доволен се активира и внатрешната закана

По серијата неодамнешни последователни посети на голем број меѓународни претставници со цел да се изврши дополнителен притисок врз земјава што поскоро да ги направи уставните измени, во последниот период како да настапи мало затишје, кое се чини дека сега го користат претставниците на опозициските албански партии во земјава, кои и натаму бараат покрај внесувањето на Бугарите во Уставот, да се избрише формулацијата „20 отсто“ за албанскиот јазик, во спротивно се закануваат дека нема да поддржат уставни измени.
– Беса нема да гласа за уставни измени ако и во иднина употребата на албанскиот јазик е условена со 20 отсто од граѓаните што го говорат – изјави претседателот на партијата Беса и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами. И други политичари од албанскиот политички блок во земјава излегуваа со слични изјави, дека нема да гласаат за уставните измени доколку не им се излезе во пресрет на нивните барања.

Не е прво вакво ултимативно испорачано барање

За потсетување, пред нешто помалку од 10 години, кога тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше уставно да го дефинира бракот како заедница единствено меѓу еден маж и една жена, тогашниот нивен коалициски партнер ДУИ, како и втората албанска партија ДПА, ја условија поддршката барајќи суштински измени на Уставот, пред сè во делот на рамноправност на албанскиот со македонскиот јазик, расчистување на дилемите за бинационална држава, дводомен парламент, дефинирање на Уставниот суд, поделба на најважните функции во државата, како и пропорционална распределба на буџетот.
Двотретинското мнозинство за уставните амандмани беше неизвесно и пред почнувањето на пленарната седница на парламентот, на која со нивно изгласување требаше да се заокружи имплементацијата на Преспанскиот договор. И тогаш дел од албанските политички партии условуваа и бараа унапредување на нивниот статус преку интервенции во преамбулата, по што власта притеснета мораше да им го испорача она што го побараа.
Сега повторно кога Македонија се соочува со невиден притисок однадвор да го менува Уставот, Албанците во земјава излегуваат со нови условувања и барања, што говори за една лицемерна уценувачка политика што се темели само на задоволување исклучиво на нивните потреби, без да се води сметка дали се повредуваат чувствата на другите етнички заедници и воопшто дали со тоа се нарушуваат националните интереси.
Крајно лицемерно е што политичките претставници на Албанците не се загрижени што со уставните измени целосно се загрозуваат идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ, но од друга страна се навредени од формулацијата „20 отсто“ во Уставот, со која прецизно се дефинира каде може да се употребува албанскиот јазик како втор официјален јазик во државата.

Надворешниот притисок координиран со внатрешни елементи

Оттука и дилемата пред македонската јавност, дали надворешниот притисок е координиран со внатрешни елементи што целата ситуација ја користат за ситни етнички придобивки на сметка на иднината на македонскиот народ.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека со ваквото однесување албанските политичари во земјава покажуваат дека единствен начин да ги остварат своите етнички амбиции, кои излегуваат од секаква нормална демократска рамка, е исклучиво преку уценување и затоа се подготвени секогаш да одат докрај.
– Ваквите уцени на албанските политички партии во земјава се нивна долгогодишна практика. Секогаш ги користат клучните моменти за иднината на државата за да уценат, да извлечат максимум. Токму затоа и сите етнички подобности што ги имаат извојувано ги добиле на тој начин, преку притисоци и уцени. Тоа е далеку од една цивилизирана стабилна политичка култура. Тоа само примитивните го прават, а,за жал, примитивни се и едните и другите, така што сите средства се дозволени – вели Јањатов.
Тој додава дека ваквото однесување дополнително ги усложнува процесите во земјава и не се во иста линија со она што значи национални интереси.
– Ваквите уцени ќе направат дополнителни пречки и не би било во ред да им попуштат и да се прифати ваква нова интервенција во највисокиот правен акт. И така нема да има доволен број гласови за уставни измени со актуелниот број на пратеници што поддржуваат промена на Уставот, така што нема потреба да ѝ се прави дополнителна штета на државата и уште повеќе да се дезавуира Уставот – констатира Јањатов.

Цената ќе ја платат само македонскиот народ и македонската држава, која има унитарен карактер

Некои од политичките аналитичари во земјава го делат истото мислење со поранешниот дипломат, со констатација дека партиите на Албанците сакаат да профитираат пред своето гласачко тело без оглед на цената што ќе ја плати македонскиот народ.
– Без оглед што со овие уставни измени се загрозува идентитетот на македонскиот народ, пратениците Албанци ќе кренат две раце за да се впишат Бугарите во Уставот. Со нивното однесување покажуваат дека сакаат да издејствуваат бенефиции за својата етничка заедница на туѓа несреќа. А тоа го прават само да им се додворат на своите гласачи. Уцените овој пат доаѓаат од страна на албанската опозиција оти и таа игра исклучиво на националистичката карта немајќи што друго да им понуди на граѓаните. Впрочем, сите учат од ДУИ, кој по потреба е зелена партија, а по потреба повторно шири националистичка реторика и така 20 години опстојува на власт. Жално е што во целата оваа ситуација на притисоци и директни примери за бугарските нечесни асимилаторски намери меѓу македонското малцинство во Албанија, тие и натаму не покажуваат никаква грижа за своите сограѓани Македонци, туку гледаат да добијат што повеќе за себе – посочуваат соговорниците.