Недостигот на јавни обвинители, несоодветните просторни услови и ограничените финансиски средства се меѓу најголемите предизвици со кои се соочува Јавното обвинителство, истакна државниот јавен обвинител Ненад Савески при презентацијата на Годишниот извештај за работата во 2025 година пред Советот на јавни обвинители.
– Имам впечаток дека еден обвинител работи работа за тројца, што влијае врз темпото на постапките, но не и врз квалитетот на обвинителските одлуки – рече Савески.
Тој посочи дека проблемите со недостигот на кадар и недоволното финансирање се присутни со години и директно влијаат врз ефикасноста на институцијата.
Савески повторно апелираше за донесување на новиот Закон за јавно обвинителство, кој подолг период е во собраниска процедура. Тој побара законот да биде донесен што поскоро, со почитување на препораките на Венецијанската комисија, особено во делот на процентот од државниот буџет што треба да му се обезбеди на обвинителството.
Говорејќи за актуелните предмети, Савески се осврна и на притворот на обвинетиот Дејан Јованов во случајот „Пулс“.
Тој нагласи дека одлуките за гаранции и мерки за обезбедување присуство на обвинетите ги носат надлежните јавни обвинители, согласно законските надлежности, а сите обвинети ги имаат правата загарантирани со Законот за кривичната постапка.
Во врска со прашањата за финансирањето на прославата по повод 35-годишнината од независноста, Савески рече дека Јавното обвинителство ја разгледува секоја ситуација од кривично-правен аспект.
Тој потврди дека е информиран оти Државната комисија за спречување на корупцијата има отворено предмет, но нагласи дека постапката на Антикорупциската комисија не е поврзана со постапувањето на обвинителството.
– Секако, секоја ситуација, вклучително и оваа, обвинителството ја анализира и доколку најде основи, ќе постапи – додаде Савески.
Савески се осврна и на новиот правилник за избор на шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Според него, со правилникот се воспоставуваат стандарди на транспарентност и се прецизира процесот на избор, при што кандидатите ќе имаат можност јавно да ги презентираат своите програми и идеи.






























